Поранешниот министер за здравство Венко Филипче кажа дека давањето и контролата на лекови е работа на менаџментот на болницата и на главната сестра, на денешната седница на собраниската анкетна комисија за Клиниката за онкологија.
„Давањето, контролата на лекови е работа на менаџментот. Министерот не знае како се даваат терапиите. Тоа е работа на главната сестра, така било секогаш“, рече Филипче.
Филипче зборуваше и за паралелниот увоз на лекови, за кој рече дека постоел до 2018 година. Оттогаш, кажа Филипче, законот е променет и лековите се увезуваат по европски критериуми. За паралелниот увоз тој рече дека овозможувал лековите што влегуваат во државата да бидат без сертификат за квалитет.
Во врска со лековите набавувани на реверс, Филипче рече дека тоа било направено за пациентите да не останат без лек.
„Реверсот е за пациентите да не останат без лек. Во јануари имате 100 пациенти со една дијагноза. Во март дошле 20 нови, а првите 100 мора цела година да го примаат лекот. Затоа е земан реверсот. Не го оправдувам тоа, ама нема што да прават. Ќе останеле пациентите без лек. Системот треба да се смени“, рече Филипче.
За поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев рече дека е одличен професионалец и дека ако постои сомнеж во неговата работа, тоа треба да се истражи.
За време на неговиот мандат рече дека немало пропусти во работата на Клиниката за онкологија и дека додека тој бил министер за здравство до него не стигнало информација дека за некој пациент нема лек.
Формирањето на анкетната комисија дојде откако Јавното обвинителство отвори истрага по наводи за евентуално сторени кривични дела поврзани со третманот на пациенти и работата на Клиниката за онкологија.