ПО 7 МЕСЕЦИ СО ФУНКЦИОНЕРСКИ ПЛАТИ ЗГОЛЕМЕНИ ЗА 78 ОТСТО, ВЛАДАТА ФОРМИРАШЕ РАБОТНА ГРУПА ДА ИЗГОТВИ ЗАКОНСКО РЕШЕНИЕ ЗА КОРЕКЦИЈА НА „ПОПРИФАТЛИВО НИВО“

    ПО 7 МЕСЕЦИ СО ФУНКЦИОНЕРСКИ ПЛАТИ ЗГОЛЕМЕНИ ЗА 78 ОТСТО, ВЛАДАТА ФОРМИРАШЕ РАБОТНА ГРУПА ДА ИЗГОТВИ ЗАКОНСКО РЕШЕНИЕ ЗА КОРЕКЦИЈА НА „ПОПРИФАТЛИВО НИВО“На вчерашната седница на Владата била отворена дискусија за зголемените функционерски плати. (Фото: Влада)

    Премиерот Димитар Ковачевски најави дека за недела до две ќе биде готов работниот материјал за законското решение со кое на „поприфатливо ниво“ ќе се коригираат функционерските плати, кои веќе седум месеци се зголемени за 78 отсто со одлука на Уставниот суд.

    Вицепремиерот Фатмир Битиќи претходно најави дека измените на Законот за платите на функционерите ќе бидат на дневен ред на вчерашната владина седница, а со заштедените пари ќе се донесат нови антикризни мерки за најранливите граѓани, но тоа не се случи.

    Денеска, Ковачевски рече дека вчера била отворена дискусија во Владата и работна група од економските ресори треба да изготви, како што кажа тој, издржано решение кое што нема да биде поништено од Уставниот суд.

    „Вчера е отворена дискусија во однос на тоа како би требало да изгледа тој модел. Во текот на наредните денови министрите ќе работат со цел да дојдат до решение што ќе мора да биде консултирано и од правен аспект дали е одржливо со оглед на тоа што сакаме да се постигне усогласување на платата на ниво што ќе биде поприфатливо, а истовремено ќе биде и одржливо. Министрите работат и штом ќе завршат, сметам дека во текот на наредната недела или две, ќе можат да излезат со решение што ќе може да биде презентирано на Влада, а подоцна и да биде пратено во собраниска процедура, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на компанијата „Вивакс“.

    Зголемувањето на платите за 78 отсто на над илјада функционери се случи со одлука Уставниот суд во март за укинување на членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, со што се одмрзнаа платите на функционерите, кои што од 2014 година беа фиксирани. Претходно, нивните плати се одредуваа со коефициент (во зависност од функцијата) кој се множеше со фиксна основица од 26.755 денари.

    Оттогаш, основицата е просечната плата остварена во претходната година што ја утврдува Државниот завод за статистика.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира