Трофејниот германски натпреварувач во скокови во вода Јан Хемпел ќе добие обесштетување од 600.000 евра од Германската пливачка федерација (ДСВ) зашто 14 години бил сексуално злоставуван од својот тренер. Со постигнувањето на спогодбата беше избегнато можно долго судење.
Во ТВ-документарец објавен минатата година, Хемпел откри дека тренерот Вернер Лангер сексуално го злоставувал од 1982 до 1996 и дека ДСВ била свесна за обвинувањата уште од 1997, но не презела ништо. Лангер изврши самоубиство во 2001.
„Среќен сум што беше можно да се пронајде вонсудско решение зашто долго судење ќе му донесеше повеќе штета отколку добро на мојот клиент“, изјави адвокатот на Хемпел, Томас Зумерер.
Хемпел веднаш ќе добие 300.000 евра, а остатокот на сумата во следните десет години. Договореното обесштетување е невообичаено високо за германските стандарди.
Хемпел освои сребро на Олимписките игри во 1996 и бронза четири години подоцна, а има и 14 медали од европските првенства.