Рускиот парламент усвои закон со кој земјата ја повлече ратификацијата на глобалниот договор за забрана на тестирање на нуклеарното оружје, што укажува на длабоко заладување на односите помеѓу САД и Русија среде војната во Украина.
Заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека Русија нема да продолжи да разговара со САД за нуклеарните прашања сѐ додека Вашингтон не ја отфрли својата непријателска политика.
За законот за истапување од Сеопфатниот договор за забрана на нуклеарни тестови гласаа 156 пратеници, а никој не беше против. САД го потпишаа овој договор во 1996 година, но никогаш не го ратифицираа. Иако договорот никогаш формално не стапи на сила, ниедна држава освен Северна Кореја не извршила нуклеарно тестирање во овој век.
Русија кажа дека нема да продолжи со нуклеарните тестирања, освен ако Вашингтон не почне прв и експертите велат дека ако некој го направи тоа, ќе почне нова трка во вооружувањето, во која ќе влезат и други држави.
Си-Ен-Ен минатиот месец објави сателитски снимки кои покажуваат дека Русија, САД и Кина ги имаат проширено своите полигони за тестирање во изминатите години.