Британскиот автор со индиско потекло Салман Ружди ја доби наградата за мир на германскиот Саем на книги во Франкфурт, на настан засенет од актуелните конфликти во светот. Говорејќи во градската историска црква „Свети Павле“, Ружди (76) рече дека е „неизмерно благодарен за оваа голема награда“, но дека „мирот во моментов се чувствува како фантазија“.
„Живееме во време кое не мислев дека ќе го видам во текот на мојот живот, рече Ружди. „Времето кога слободата – а особено слободата на изразување, без која светот на книгите не би постоел – е насекаде на удар на реакционерните, авторитарни, популистички, демагошки, полуобразовани, нарцисоидни, безгрижни гласови“.
Во јасна референца за руската инвазија на Украина, тој ја наведе војната што беснее „не многу далеку“, која е родена од „тиранијата и алчноста за моќ и освојување на еден човек- тажен наратив што нема да биде непознат за германската публика“. Цитирајќи го и конфликтот во Израел и Појасот Газа, Ружди рече дека уметноста и уметниците се средство за заштита на цивилизацијата и „да ги држат варварите подалеку од портите“. Тој ја истакна силата на луѓето кои бараат индивидуална радост во сопствениот живот во услови на актуелниот глобален судир. Постои едноставен копнеж „да се чувствуваме во мир со нашите животи и со малиот свет околу нас“, рече авторот.
Ружди е слеп на едното око откако беше избоден повеќе пати од муслимански напаѓач во Њујорк во 2022 година. Неговата следна книга, „Нож: медитации по обид за убиство“, е за прободувањето. Напаѓачот на Ружди се изјасни за невин по обвиненијата за обид за убиство. И покрај заканите по неговиот живот, Ружди рече дека пишувал книги „без никакво ограничување“.
Наградата за мир е носи 25.000 евра и се смета за една од најважните награди во Германија. Жирито претходно соопшти дека му оддава чест на Ружди „за неговиот нескротлив дух, за неговата афирмација на животот и за збогатување на нашиот свет со неговата љубов кон раскажувањето приказни“.