ФИРМА ОД ЏЕПЧИШТЕ Ѝ ДАВА ДОНАЦИЈА НА ОПШТИНА ТЕТОВО СО КОЈА ЌЕ СЕ ПЛАТИ ИЗРАБОТКА НА ДУП

    ФИРМА ОД ЏЕПЧИШТЕ Ѝ ДАВА ДОНАЦИЈА НА ОПШТИНА ТЕТОВО СО КОЈА ЌЕ СЕ ПЛАТИ ИЗРАБОТКА НА ДУПФирмата се обврзува да плати изработка на детален урбанистички план за 4 градски блокови во центарот на градот каде се предвидува да продолжи главниот булевар „Илинденска“. (Фото: СДК.МК)

    Општина Тетово ќе прими донација од приватна фирма за да се изработи Детален урбанистички план за неколку урбани блокови во Тетово. Оваа одлука за прием на донацијата е усвоена на последната седница на Советот на Општината, а денес претседавачот на Советот Бесар Дурмиши даде подетални информации за што се однесува донацијата и зошто приватната фирма ѝ ја дава донацијата на Општината.

    „Општина Тетово ја прифати донацијата од фирмата ‘Збукурими’ од село Џепчиште со која донација фирмата се обврзува да плати изработка на детален урбанистички план за 4 градски блокови во центарот на градот каде се предвидува да продолжи главниот булевар ‘Илинденска’. Не ја знам точно причината на фирмата зошто ја дава оваа донација, но претпоставувам дека тоа е во знак на благодарност кон Општината. Знаеме порано, во периодот на претходната власт во Општината на некои фирми им завршувала работа, но на поголем број не им излегувала во пресрет па некои предмети останувале незавршени и по 10 години. Ние поинаку работиме и за сите фирми, каде нема законски пречки, настојуваме да им ја завршиме работата односно да ги добијат потребните дозволи. Иако фирмата ‘Збокурими’ е донатор за изработката на ДУП-от во овој дел од градот, таа нема да гради на тој простор, туку добила дозвола за градба на нејзин приватен имот. Продолжувањето на булеварот ‘Илинденска’ е предвидено и со Генералниот урбанистички план кој е донесен пред многу години, а кога ќе се реализира овој ДУП ќе дојде до растоварување на сообраќајот во централното градско јадро“, вели Претседавачот на Советот на Општина Тетово Бесар Дурмиши.

    Дурмиши не можеше да каже во колкав износ е донацијата за изработката на ДУП-от, бидејќи требало да го прави приватна фирма. Тој очекува неговата реализација да започне во наредните години, дури откако општината ќе го сведе долгот од над 20 милиони евра на нула, бидејќи за пробивање на булеварот ќе требаат големи средства за експропријација на голем број приватни куќи кои се изградени на просторот каде се предвидува продолжувањето на булеварот.

    З. АНДОНОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира