Судењето за тешката сообраќајна несреќа со автобусот на „Дурмо турс“ кај Ласкарци од пред 5 години, затера по чудна патека, со погазување на вештачењето на професорите од Машинскиот и од други државни факултети, од страна на т.н. супервештак, кој е пензиониран професор во средно училиште, со лиценца за вештачење. Него го одредило Бирото за судски вештачења, под раководство на Валдет Џафери, претседател на разгранокот на ДУИ во Гостивар.
Во серија прес-конференции, Алијанса за Албанците укажуваше дека компанијата „Дурмо турс“ од Гостивар е еден од главните финансиери на ДУИ. Покрај возачот Маноил Трифуновски, обвинет во овој случај кој нема пресуда 4 години и еден месец е и сопственикот на „Дурмо турс“ Дурмиш Белули.
Од она што можеше да се слушне и види на денешното рочиште во Кривичниот суд Скопје, сега се води отворена битка целата вина за трагедијата да се префрли само на возачот, а да се амнестираат останатите обвинети од компанијата „Дурмо турс“, меѓу кои е и сопственикот на неисправниот автобус кој се преврте кај селото Ласкарци.
За потсетување, техничката станица сопственост на „Дурмо турс“ својот неисправен автобус го пуштила да сообраќа како исправен и притоа да загинат 16 лица, а 30 да бидат тешко да повредени.
Денеска беше неброеното рочиште на кое се испитува супервештакот Љубе Постолов, кој признава дека автобусот бил неисправен, дека кочниците работеле само 29 проценти, дека црева виселе две години под него, тахографот бил местен да покажува помала брзина на движење, дека со црна лента биле залепени уредите кои покажувале повеќе неисправности на автобусот, но спротивно на професорите од Машинскиот факултет и на сообраќајните вештаци, тврди дека сето ова не влијаело за несреќата, туку исклучиво (не)реакцијата на возачот на автобусот.
Врз база на првичното вештачење од Машинскиот факултет и сообраќајните вештаци, на што се базира и обвинението, Обвинителството тврди дека токму неисправноста на автобусот на „Дурмо турс“, особено на кочниците, довело до тоа да кога обвинетиот возач изгубил контрола над автобусот, немал доволна ефикасност на сопирачкиот механизам, за да го сопре автобусот.
Со 29 процентна способност на кочниците, возачот успеал само да ја намали брзината пред да се преврти автобусот и да се случи катастрофата, стои во првичното вештачење од универзитетските професори.
Па така супервештакот денеска, одговарајќи на прашањата на адвокатот на возачот, спротивно на сите други вештачења претходно, даваше поинаква теза дека автобусот всушност сам ја намалил брзината поради отпор, а не поради човечка реакција. Но адвокатот на Трифуновски преку прашања за кои Судот даде широки можности, одеше точка по точка да ја побие апсолутната вистина на супервештакот дека возачот не реагирал за да ја врати контролата над автобусот полн со патници.
Покрај Постолов, во тимот вештаци кои го изготвија сообраќајното супервештачење се и вештаците Јакуп Мамути и Невзат Зеќири, активист на ДУИ, кој исто како директорот на Бирото Валдет Џафери, се има сликано на партиска говорница во ДУИ.
Испитувањето на сообраќајните супервештаци почна во мај годинава. Судот кој првин го развлечка судењето три години, па издаде наредба за вештачење, сега има поставено густа динамика на судења. Се очекува пресуда кај Нова Година.
Супервештачењето пристигна во Кривичен суд во декември лани. Потоа настапи формално отпочнување на процесот по кое се започна со сослушување на вештите лица кои го изготвија машинското супервештачење, а во моментов и на вештите лица кои го изготвија сообраќајното супервештачење.
Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.
С. К. ДЕЛЕВСКА