Лицата над 65 години ќе имаат можност дома да примат поливалентна вакцина против ковид-19 како бустер доза, како и вакцина против сезонски грип, а децата да ги примат пропуштените дози од календарот за задолжителна имунизација, како дел од кампањата за имунизација на Министерството за здравство, која почна денес, а ќе трае до крај на ноември. Се планира да бидат посетени над 3.000 семејства.
Оттаму велат дека 30 тимови со медицински лица од здравствените домови низ земјава од денеска одат по домови каде на родителите на деца кои не се вакцинирани им ги објаснуваат придобивките од вакцинација. Станува збор за втора по ред кампања, по првата изминатава пролет, за промовирање на имунизацијата, што се реализира заедно со Светска здравствена организација (СЗО) и со пари од Европската Унија. Тогаш за 3 недели беа вакцинирани 200 деца.
- НИКОЈ НЕ ПРАШУВА КАКВА Е ВАКЦИНАТА КОГА ТРЕБА ДА СЕ ПАТУВА НА МАЛДИВИ, ВЕЛИ Д-Р ГРОЗДАНОВА ЗА НИСКИОТ ОПФАТ СО ВАКЦИНАЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА
- ДОБРО БИ БИЛО ГРАЃАНИТЕ ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ ПРОТИВ ГРИП, ДА СТИГНЕМЕ БАРЕМ ДО 75 ОТСТО ОПФАТ, АПЕЛИРААТ ЗДРАВСТВЕНИТЕ ВЛАСТИ
„Следејќи ги одличните ефекти кои беа постигнати во рамките на пролетната кампања, Министерството за здравство презеде активности преку кои во нови 20 општини (115 населени места рурални и урбани) родителите ќе имаат можност во рамките на нивните домови да разговараат за задолжителна имунизација, како и вакцинациите против ковид-19 и сезонски грип. Тимовите ќе ги информираат семејствата за придобивките од имунизацијата, ќе делат промотивен материјал во согласност со медицината базирана на докази и во договор со родителите ќе закажуваат термини за вакцини од редовниот календар за имунизација“, вели Министерството.
Националната координаторка за имунизација проф. д-р. Александра Грозданова и д-р Злате Мехмедовиќ од Комисијата за заразни болести на 19 октомври кажаа дека препорачаниот опфат над 95 отсто не е постигнат за ниту една вакцина во земјава. Регистрираниот опфат за примарната вакцинација е под 90 отсто за сите вакцини – хепатитис Б (ХепБ), Хемофилус инфлуенца тип Б (ХиБ), ДиТеПер/ИПВ и МРП вакцината, како и вакцинацијата против ХПВ, која бележи најнизок опфат од сите вакцини.
Здравствените власти апелираат дека е потребно службите за вакцинација да ги бараат и најдат неевидентираните, невакцинираните и нецелосно вакцинираните лица и веднаш да бидат повикани во вакциналните пункови. Интензивна кампања, потенцираат, е потребна во Куманово, Скопје, Тетово, Битола и во Струмица.
Б. НЕСТОРОСКА