СЕВЕРНА КОРЕЈА ЈА ПОБЕДИ ЕВРОПСКАТА УНИЈА ВО ИСПРАЌАЊЕТО ОРУЖЈЕ ЗА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА, ВЕЛИ „ПОЛИТИКО“

    СЕВЕРНА КОРЕЈА ЈА ПОБЕДИ ЕВРОПСКАТА УНИЈА ВО ИСПРАЌАЊЕТО ОРУЖЈЕ ЗА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА, ВЕЛИ „ПОЛИТИКО“Јужна Кореја вели дека Северна Кореја извршила најмалку десет трансфери на оружје во Русија од август наваму (Фото: Гети)

    Северна Кореја ја победи Европската Унија во вооружувањето на украинскиот фронт, испорачувајќи ѝ на Русија над еден милион артилерсики гранати, објави „Политико“. И покрај ветувањето дека ќе ја поддржат Украина со милион парчиња муниција во рок од една година, производителите на оружје од ЕУ нема да успеат да ја исполнат оваа цел до март.

    Безбедносната служба на Јужна Кореја го информирала тамошниот парламент дека Северна Кореја извршила најмалку десет трансфери на оружје во Русија од август наваму.

    Европската комисија ѝ испорачала 223.800 гранати на Украина од 31 мај во рамките на програмата со која земјите-членки се согласија да ги отстапат своите залихи. Во исто време, седум држави нарачале муниција преку новата заедничка програма за брза набавка на Европската одбранбена агенција.

    Во почетокот на инвазијата, Русија дневно трошела 63.000 гранати, наспроти 4.000 украински. И покрај доцнењето со испораките, ситуацијата се променила во октомври, кога Украина испукувала 9.000 гранати дневно, а Русија околу 7.000, кажа украинската војска.

    Украина сака повеќе сама да произведува муниција, за што неодамна потпиша договор со германската компанија „Рајнметал“. Една од причините што Брисел доцни со исполнувањето на својата цел за милион проектили е што членките не прифаќаат во доставата да се вклучи муниција произведена надвор од ЕУ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира