Седум случаи на заразени ученици со салмонела од скопската Општина Карпош се пријавени во Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ), потврди д-р Лулзиме Бајрами, специјалист по епидемиологија од Центарот за јавно здравје за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Станува збор за ученици од основните училишта „Владо Тасевски“, „Јан Амос Коменски“ а еден случај е пријавен од „Војдан Чернодрински“ и се чека оттаму да се врати екипата со информации.
„Екипите и вчера беа на терен и се чекаат повеќе информации“, ни рече д-р Бајрами.
Според информации од родители кои се јавија во нашата редакција, станува збор за најмалите деца, ученици од прво до трето одделение.
Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) Рената Младеновска за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека уште денеска се вршат вонредни инспекциски надзори „со цел надзор над санитарно хигиенската и епидемиолошката состојба во објектите, откривање на изворот на зараза и прекинување на синџирот на пренос на заразното заболување“.
Во екипите кои вршат надзор се претставници на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Салмонелоза е болест која се пренесува преку храна и најчесто се поврзува со консумација на јајцата и претставува важен јавно здравствен проблем. Бактеријата „салмонелла ентеритидис“, може да се пронајде во совршено нормални јајца за конзумација, и ако тие се термички необработени, бактеријата може да предизвика болест.
Појавата на првите симптоми кај лицата инфицирани со салмонела се јавуваат најчесто во период од 12 до 72 часа по јадење на контаминирана храна или пијалок и обично симптомите се појава на треска, абдоминални грчеви и дијареа. Болеста обично трае 4 до 7 дена. Дијареата може да биде изразена и во тешка форма, па задолжителна е препораката да се побара лекарска помош. Старите лица, доенчињата и оние со оштетен имунолошки систем може да имаат потешка форма на болеста. Кај овие категории на луѓе, инфекцијата може да предизвика тешки компликации, па дури да заврши и со смрт доколку не се третира соодветно.
Б. НЕСТОРОСКА