СЛОВЕНЕЧКА ФИРМА ЌЕ ГО ЧИСТИ ЃУБРЕТО ВО ТЕТОВО, ОПШТИНАТА ПОТПИША ДОГОВОР ЗА ЈАВНО-ПРИВАТНО ПАРТНЕРСТВО

    СЛОВЕНЕЧКА ФИРМА ЌЕ ГО ЧИСТИ ЃУБРЕТО ВО ТЕТОВО, ОПШТИНАТА ПОТПИША ДОГОВОР ЗА ЈАВНО-ПРИВАТНО ПАРТНЕРСТВОСите работници вработени во комуналното претпријатие на Тетово сега ќе ги преземе словенечката фирма „Саубермахер“. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Тетово Биљал Касами со претставници на словенечката компанија од групацијата „Саубермахер“ потпишаа договор за јавно-приватно партнерство со кој словенечката фирма во наредниот период ќе стопанисувањето со отпадот во градот. Градоначалникот Касами истакна дека на потпишувањето на договорот му претходеле заеднички направени анализи и студии во однос на управувањето со отпад, поточно за собирање и депонирање.

    „Должностите и обврските се веќе усогласени во договорот со кој се обврзаа двете страни. Јавното- приватно партнерство предвидува сеопфатни решенија, изградени според словенечкиот модел кој се покажа многу успешен во сите градови. Се чувствувам почесен што оваа компанија го избра Тетово да стане партнер во управувањето со отпад. Од сега Тетово има еден проблем помалку“, рече Касами по потпишувањето.

    Претставникот на групацијата „Саубермахер“, Андреас Опелт истакна дека фирмата има речиси три децениско искуство во менаџирање со отпадот во дваесетина градови во повеќе земји. Тој нагласи дека вработените од одделението за Комунална хигиена на ЈКП ќе бидат преземени од нивната компанијата.

    „Обврските кои ги презедовме сериозно ќе ги прифатиме и ќе видите дека наскоро менаџирањето со отпадот ќе биде унапредено со почисти улици и почиста животна средина. Знаеме дека тоа е предизвик, но имаме доволно искуство за да ја подобриме состојбата на повисоко ниво. Затоа учествуваме во овој проект и веруваме дека ќе донесеме корист за граѓаните и градот. Ќе има многу работа во првите неколку години, но потоа веруваме дека состојбата со сметот во градот ќе биде на подобро ниво“, истакна Андреа Опелт.

    Потпишаниот договор за јавно-приватно партнерство предвидува да се исполнат 20-тина услови со обврски на приватната фирма.

    „Приватното претпријатие од Словенија ќе работи во однос на комуналниот отпад, ќе ги преземе сите активности за собирање, транспорт и депонирање на отпадот. Одржувањето на јавни површини и паркови останува во рамки на постојното јавно претпријатие.  Доколку општината обезбеди механизација, тогаш партнерот има обврска да го прифати, според договорот со пазарни услови за закуп“, појасни Касами.

    Во одделението за комунална хигиена има околу стотина работници кои треба да бидат преземени и да работат во приватната фирма.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира