На иницијатива на повеќемина спортски доајени, Општина Штип аплицирала за статусот Штип европски град на спортот за 2024 година, што ја доделува спортската асоцијација АЦЕС со седиште во Брисел, која е интерен партнер на ЕУ во областа на спортот. Претставници на оваа асоцијација веќе се во Штип и ја имаат одржано првата средба со градоначалникот на Штип и со членовите на Комисијата за спорт при Општината. Утре и задутре ќе го скенираат Штип од повеќе аспекти.
„Европска комисија составена од претставници од Чешка и Бугарија неколку дена ќе ја скенира спортската инфраструктура во Штип и ќе ги анализира и сумира резултатите на штипските спортисти. На овој план, значајни се спортските резултати на меѓународен план и очекуваме комисијата да даде зелено светло Штип да биде прогласен за спортски град за 2024 година“, вели градоначалникот Иван Јорданов.
Пред пет години, оваа титула ја доби Куманово, како првиот македонски град на кој му била доделена.
„Има повеќе критериуми кои одлучуваат за една ваква титула, но најважни се спортската инфраструктура, спортските капацитети во училиштата и во урбаните заедници и масовноста на младите да се занимаваат со спорт. Според нашите првични сознанија, овој град го има тоа. За две недели комисијата ќе излезе со конечната оценка“, вели Дамјан Диков, член на Европската комисија за евалуација на спортот.
Т. ЈОВАНОВСКИ