Здружението на новинари на Македонија и Синдикатот на новинари организираа протест на новинарите пред Основниот граѓански суд, каде симболично, на судијката Јованка Спровска-Панева, која напиша во пресуда дека ИРЛ не е медиум и не смее да ги објавува истражувањата, ѝ беше „доделена“ голема златеста плакета за Цензор на годината.
Новинарите побараа од Граѓанскиот и од Апелациониот суд повнимателно и поодговорно да се однесуваат со тужбите за клевета и навреда против новинари и да ја почитуваат слободата на информирање.
Новинарите членови во синдикатот со самолепливи бели ленти на уста, покажаа дека некој се обидува да ги замолчи и цензурира медиумските работници.
„Им се забранува на граѓаните да го кажат својот гласа и да ја кажат вистината. Затоа сакам да им порачам, не им успеало на никого досега и нема да успеат. Само ќе направат да бидеме посилни и да дојдеме тука да ја пратиме пораката и сакам да им кажам дека нема да застанеме и нема да замолчиме“, кажа новинарот Сеад Ризвановиќ од Тв24.
Овој протест е по објавувањето на пресудата за случајот „Фероинвест против ИРЛ“ кој се однесува на тужбата за навреда и клевета против ИРЛ, каде Спировска-Панева го осудува медиумот, но дава такви недолични, навредливи и опасни квалификации и лични проценки за него, што го крена алармот кај сите медиумски куќи.
С. К. ДЕЛЕВСКА