Догодина ќе почнат реновирањето и реставрацијата на старото училиште ,,Димитар Влахов” во преспанското село Љубојно. Училиштето во кое на 15 ноември 1944 започна за првпат настава на македонски јазик во Преспа, а второ во државата, по она во Подвис, Кичевско, денес е разрушено, а зачуван е само дел од надворешните ѕидови.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вели дека потребните средства од пола милион евра ќе се обезбедат од буџетот на Министерството за 2024 и 2025 година.
„Владата, Министерството за култура и Завод и Музеј Битола презедоа обврска старото училиште во Љубојно да биде обновено и да се ревитализира во чест на македонските дејци и во спомен на сите просветни работници. Во две буџетски години ќе биде обновено местото кое е темел на нашиот културен и национален идентитет“, кажа Костадиновска-Стојчевска.
Идејата е овој значаен објект да стане собиралиште на лингвисти, педагози, наставници и професори по македонски јазик и да остане како паметник за следните генерации дека ова здание се историски темели на образованието на мајчин, македонски јазик и столб на нашиот идентитет.
Старото училиште е во режим на заштита од 2020 година како дел од споменичната целина Љубојно. По неговото автентично обновување, ќе стане Центар за промоција на македонскиот јазик.
За проектот, кој го реализира Завод и Музеј Битола, во 2024 се обезбедени 20 милиони денари, а во 2025 се проектирани 12,8 милиони денари.
„Завод и Музеј Битола во изминатиот период ги презеде сите неопходни чекори за реализација на овој значаен проект, односно беа изработени геодетскиот елаборат и урбанистичко-архитектонскиот проект, чиј составен дел беше идејниот проект за објектот во село Љубојно. Во текот на оваа година се работеше на ссновниот проект, кој по неговото комплетирање беше испратен до Управата за заштита на културно наследство за добивање на конзерваторско одобрение“, велат од Министерството за култура.