ЕДИНСТВЕНО РЕГУЛАТОРНО ТЕЛО КОЕ Е ОСТАВЕНО ДА МОЛИ ПРЕД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ Е НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ, ПРОТЕСТИРАА ВРАБОТЕНИТЕ

    ЕДИНСТВЕНО РЕГУЛАТОРНО ТЕЛО КОЕ Е ОСТАВЕНО ДА МОЛИ ПРЕД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ Е НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ, ПРОТЕСТИРАА ВРАБОТЕНИТЕПоњевиќ потсети дека кога била оснивана институцијата, платите на вработените биле на ранг на судиите (Фото:К.Попов)

    За првпат од постоењето на институцијата Народен правобранител, вработените излегоа на протест. Поддржани од УПОЗ, тие денеска потсетија дека се првата линија на заштитата на човековите права во Македонија, но и контролен механизам на сите власти, а се третирани и игнорирани како да не постојат.

    Протестот е поддржан и од Народниот правобранител Насер Зибери. Неговите заменици, избрани исто така од Собранието, исто така протестираа.

    „Правата на вработените во институцијата Народен правобранител не се еднакви со правата на вработените во институциите во јавниот сектор. Иако и од нив примаме претставки секојдневно и се трудиме да им помогнеме да ги остварат своите законски и уставни права, тоа не може да се каже за вработените во нашата институција. Како секаде во светот, институцијата Омбудсман во Македонија треба да биде самостојна и независна, целосно одвоена од институциите кон кои презема дејствија со цел заштита на граѓаните, што не е случај“, побара на полчасовниот мирен протест денеска Марјан Поњевиќ, претседател на синдикалната организација при Народниот правобранител.

    Тој кажа дека нема пари на пример за Националниот превентивен механизам, кој е моќно тело во рамки на Омбудсманот, кое може без најава да влезе да контролира кога сака и кај сака во установи и институции каде што има луѓе лишени од слобода.

    Националниот превентивен механизам се финансира во најголем дел од странска помош.

    Но измените на Законот за Народниот правобранител се закочени во Собранието. Поради тоа не може да се исполнат препораките од Извештајот за напредокот на Македонија, за осамостојување на институцијата Народен правобранител. Европската комисија бара финансиско осамостојување, зајакнување и располагање со средствата, а не Омбудсманот да се моли пред Министерството за финансии и да чека потпис и одобрување буквално за се.

    Поњевиќ потсети дека кога била основана институцијата, платите на вработените биле на ранг на судиите. Сега сите регулаторни тела се материјално, ресурсно и финансиски независни, само Народниот правобранител остана зависен да се понижува и да моли пред Финансии и пред Владата за средства.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира