Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами најави дека ќе го реконструира Градскиот стадион и ќе гради уште неколку други спортски објекти. Распишан е тендер за оваа намена кој ќе изнесува околу 10 милиони евра, а е распишан преку „Тетово транспорт“, јавно претпријатие коe сега се наоѓа во големи долгови. Но, Касами вели дека тоа не е проблем и дека ќе се обезбедат пари за реализација на проектот.
„Општина Тетово преку ЈП ‘Тетово транспорт’ го распиша досега најважниот тендер за Тетово, а се работи за изградба и реконструкција на спортски објекти почнувајќи од Градскиот стадион. Предмет на договорот за јавна набавка е проценет на 600 милиони денари или околу 10 милиони евра. Тендерот е отворен до 22 декември 2023 година, а времетраење на договорот е 36 месеци. Во првата фаза е предвидено изработка на идејно решение за реконструкција на Градскиот стадион. Идејниот проект ќе биде со запазување на стандардите на УЕФА за инфраструктура на стадионите и препораките за изградба на нови објекти и реконструкција на постоечките. Исто така земени, се предвид и одредбите за инфраструктура на стадионите во Република Северна Македонија од страна на Фудбалската федерација. Покрај реконструкцијата на стадионот, ќе се реновираат и други значајни спортски објекти“, изјави градоначалникот Касами.
За Касами не е проблем што тендерот оди преку јавното ретпријатие кое редовно се наоѓа во големи долгови, ниту пак е спорно како да се обезбедат тие 10 милиони евра бидејќи, како што вели, досега во овие две години успешно работеле па ќе успеат во наредниот период да ги обезбедат и овие средства.
„Како што најдовме пари да го намалиме општинскиот долг, така во следниве три години, со домаќинско работење, ќе се заштедат пари и за изградба на овој значен објект. Кога најдовме пари да се намали долгот, ќе најдеме пари и за стадионот, благодарение на зголемениот обем на плаќање на даноците од страна на граѓаните. Досега главен и капитален проект беше асфалтирањето на улиците, а сега главен дел ни е во рекреацијата и спортот“, рече Касами.
Покрај реконструкција на Градскиот стадион се предвидува и изградба на фудбалски терен и соблекувални на Спортскиот центар како и изградба на помошно фудбалско игралиште за тренинзи во село Сараќино.
З. АНДОНОВ