БЛИНКЕН ЌЕ ДОЈДЕ ВО СКОПЈЕ НА САМИОТ НА ОБСЕ, НЕ ЗНАМ ЗА ЛАВРОВ, РЕЧЕ ОСМАНИ

    БЛИНКЕН ЌЕ ДОЈДЕ ВО СКОПЈЕ НА САМИОТ НА ОБСЕ, НЕ ЗНАМ ЗА ЛАВРОВ, РЕЧЕ ОСМАНИ„Во кој дел од трите дена ќе биде министерот за надворешни работи на Руската федерација, Сергеј Лавров,  тоа сега не можам да кажам“, рече денеска Османи. (Фото: Принтскрин од видео)

    Американскиот државен секретар Ентони Блинкен е потврден дека доаѓа во Скопје на 30. Министерски самит на ОБСЕ, кој ќе се одржи на 29 и 30 ноември, кажа денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи. На самитот на ОБСЕ треба да дојдат сите министри за надворешни работи од Европа. Македонија годинава е претседавач со ОБСЕ.

    Одговарајќи на новинарски прашања на брифингот во А1 Арената „Борис Трајковски“ каде ќе се одржува Самитот, Османи кажа дека на 28 ноември се очекува да почне пристигнувањето на учесниците на Министерскиот совет, а за 29 ноември е предвидена нефорамалната вечера со најголемиот број министри.

    „За неформалната вечера го очекуваме државниот секретар Блинкен. Во кој дел од трите дена ќе биде министерот за надворешни работи на Руската федерација, Сергеј Лавров,  тоа сега не можам да кажам. Не треба да очекуваме дека во сите три дена, сите ќе останат три дена. Сепак тоа се важни луѓе кои ќе дојдат на одреден дел од настанот и ќе си заминат. Дали ќе се поклопуваат термините на нивните престој, тоа сѐ уште не можам да го кажам, сѐ уште ги утврдуваме тие детали. Ќе дојдат сите делегации, прашањата се дали ќе бидат министрите или нивните заменици“, рече Османи.

    Владата на 14 ноември одлучи 30 ноември да биде неработен ден за сите вработени во државната и јавната администрација, на подрачјето на град Скопје, како и за основните и средните училишта на подрачјето на град Скопје, поради одржувањето на состанокот на ОБСЕ.

    Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, самиот на ОБСЕ нема да го блокира цело Скопје, туку ќе бидат блокирани одредени улици и делници низ кои ќе минуваат странските делегации.

    „Најавени се повеќе од 70 делегации, предводени пред сеˋ од министри за надворешни работи, ќе има околу 1.000 учесници. Тоа е една опасежна организација што треба да ја спроведеме од безбедносен аспект. Целосно се подготвени сите служби, за тоа се спремаме цела година. Очекувам да помине сеˋ во најдобар ред, ова е исклучително важен Самит за Македонија и преку него имаме шанса да покажеме и капацитет и демократски вредности и на крај сите држави во светот да гледаат со уважување кон Македонија, како што гледаат и сега“, рече Спасовски денеска во Битола.

    Одлуката за неработен ден не се однесува на градинките и здравствените установи на подрачјето на град Скопје, кои што е потребно да изработат сопствени планови за работењето, со цел непречено функционирање.

    Исто така, Владата одлучи претходниот ден (29 ноември, среда) работното време на сите вработени во државната и јавната администрација на територијата на градот Скопје да заврши во 12 часот.

    Од Владата го препорачуваат истото и за приватниот сектор на подрачјето на градот Скопје, посебно од подрачјето на Општина Карпош и на општините кои гравитираат кон салата „Борис Трајковски“ и хотелот „Александар Палас“, каде што ќе се одржува министерскиот состанок на ОБСЕ на 30 ноември и 1 декември.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира