На повеќе места покрај автопатот Скопје-Тетово, после наплатната рампа кај Желино, можат да се видат кубици исечени борови дрвја. За овој масакр на дрвјата, како што го нарече градоначалникот на Општина Желино на денешната прес-конференција, се обвинува ЈП „Македонски шуми“, кое направило договор со приватна фирма за сечење само на болните дрвја, но таа ја исекла речиси целата шума.
„Се наоѓаме на местото каде веќе неколку дена се случува касапница на природата со дозвола на владините институции. Станува збор за сечење на борови дрвја како резултат на тендер што го распиша Државните шуми на Македонија. Како резултат на овој тендер е склучен договор со приватна фирма, на која ѝ е дозволено да ги исече овие скапоцени борови засадени уште од нашите предци. Одлуката со која Управата за македонско шумарство дозволува сечење на овие скапоцени дрвја за нас претставува одлука против животната средина и брутално оштетување на природата“, истакна Блерим Сејдиу, градоначалник на Општина Желино.
Тој нагласи дека Општината нема да дозволи да се уништува шумата и го блокираше патот до локацијата на која приватната фирма ги сечела дрвјата.
„Изјавуваме дека во ниеден момент нема да дозволиме натамошно сечење на боровите дрвја, кои се многу ретки и стари со децении, кои го чистат нашиот воздух. Нема да преговараме со никого кога е во прашање здравјето на нашите граѓани. Тука е црвената линија. Денеска со машините на Општината го блокиравме патот кој води до местото на настанот и на ова место во секој момент ќе патролираат инспекторите на Општина Желино“, рече Сејдиу.
Тој ги повика сите граѓани на Општина Желино да ја поддржат Општината во напорите да се спречи натамошното сечење на шумата.
З. АНДОНОВ