До Советот на јавни обвинители е поднесен предлог за разрешување на обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, за кој Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност при Јавното обвинителство на Република Северна Македонија утврдила дека без оправдани причини не постапувал по предмети во пропишаните законски рокови, со што значително била одолговлечена постапката во предметите.
„По спроведената дисциплинска постапка против јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје и разгледување на извештајот на обвинителот-известител, донесе Решение со кое утврди дека обвинителот е одговорен за сторена тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 8 од Законот за јавното обвинителство. Врз основа на изведените докази, Комисијата утврди дека јавниот обвинител без оправдани причини не постапувал по предмети во пропишаните законски рокови, со што значително била одолговлечена постапката во предметите. Со оглед на тоа и другите околности, одлучено е до Советот на јавните обвинители да биде поднесен предлог за разрешување на јавниот обвинител“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
Неофицијално, станува збор за обвинител од Скопското обвинителство избран во 2009 година, а кој веќе е под суспензија оти не ги работел и завршувал истрагите во законски пропишаните рокови.