ЕУ ОДБЛОКИРАШЕ 10 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ПОМОШ ЗА УНГАРИЈА ПРЕД САМИТОТ ВО БРИСЕЛ, НО ОРБАН БИ МОЖЕЛ ДА БЛОКИРА СÈ ШТО БАРА УКРАИНА

    ЕУ ОДБЛОКИРАШЕ 10 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ПОМОШ ЗА УНГАРИЈА ПРЕД САМИТОТ ВО БРИСЕЛ, НО ОРБАН БИ МОЖЕЛ ДА БЛОКИРА СÈ ШТО БАРА УКРАИНАОрбан му порача на Зеленски дека за Украина нема место во ЕУ во скоро време (Фото: Телеграм)

    Европската комисија одблокираше 10,2 милијарди евра од замрзнатите фондови од 30 милијарди евра за Унгарија во пресрет на лидерскиот самит во Брисел, на кој треба да се омекне ставот на Виктор Орбан во поглед на Украина. Унгарскиот премиер силно се противи на приемот на Украина во ЕУ и на нејзините повици за помош.

    Ние сме гласот на здравиот разум во Европа“, кажа Орбан во унгарскиот парламент, додавајќи дека војната, корупцијата, големиот земјоделски сектор и лошиот третман на унгарското малцинство ја дисквалификуваат Украина од придружувањето кон ЕУ во скоро време.

    Симболичната покана за Украина да ги почне пристапните преговори со Европската Унија е една од главните теми на дводневниот самит во Брисел, покрај одобрувањето на 54 милијарди евра помош за украинската економија и уште 24 милијарди евра воена поддршка. Сепак, противењето на Орбан би можело да биде кулминација на лошата недела за Володимир Зеленски, кој претходно не успеа да ги премисли американските републиканци да ја одблокираат помошта од над 60 милијарди долари.

    Ако нема позитивни вести од Брисел, тоа ќе значи дека Путин ставил вето“, предупреди украинскиот лидер.

    Унгарија би можела да блокира сѐ што бара Украина, иако таа ужива широка поддршка во остатокот на ЕУ, дури и од Словачка, чиј нов премиер Роберт Фико кажа дека ќе го поддржи почетокот на пристапните преговори. Брисел негираше дека е уценет од Унгарија и дека одблокирањето десет милијарди евра е мито за да се омекне ставот на Орбан.

    Европската комисија кажа дека Украина веќе исполнила шест од седумте предуслови за почеток на преговорите, како усвојување закон против корупција и закон со кој на малцинствата им се овозможува да учат на свој мајчин јазик.

    Нашата позиција не е вето. Ние само не сакаме да придонесеме кон она што се чини како лоша одлука“, изјави Орбан деновиве.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира