ВО УКРАИНА ЌЕ ИМА МИР КОГА ЌЕ ГИ ИСПОЛНИМЕ НАШИТЕ ЦЕЛИ, КАЖА ПУТИН НА ГОДИШНАТА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА, ЗА КОЈА ДОБИЛ НАД ДВА МИЛИОНА ПРАШАЊА

    ВО УКРАИНА ЌЕ ИМА МИР КОГА ЌЕ ГИ ИСПОЛНИМЕ НАШИТЕ ЦЕЛИ, КАЖА ПУТИН НА ГОДИШНАТА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА, ЗА КОЈА ДОБИЛ НАД ДВА МИЛИОНА ПРАШАЊАПутин вели дека е отворен за поправање на односите со Европа и САД (Фото: АП)

    Владимир Путин им кажа на Русите дека мир во Украина ќе има дури откако „ќе ги исполниме нашите цели“. Тој ја одржува својата прва голема прес-конференција од почетокот на инвазијата на Украина, при што одговара и на телефонски прашања од руските граѓани. Бројот на доставените прашања наводно надминал два милиона, а дозволено е да присуствуваат и странски новинари.

    Путин истакна дека руската економија е силна во услови на војна, но разговорот брзо се префрли на Украина.

    „Ќе има мир во Украина откако ќе ги оствариме нашите цели. Тие цели не се променија, а тоа се денацификација, демилитаризација и неутрален статус на Украина“, кажа Путин, повторувајќи ја реториката од почетокот на војната во февруари 2022.

    Според него, околу 486.000 луѓе досега доброволно се пријавиле во руската војска, покрај оние 300.000 кои беа мобилизирани лани.

    „Немаме потреба од нова мобилизација. Моментално, околу 617.000 руски војници се борат во Украина“, откри Путин.

    Тој тврди дека воената помош од западот пресушува и Украина наскоро ќе остане без странските оружја за одбрана.

    „Украина не произведува речиси ништо, сѐ доаѓа од западот, но бесплатните нешта ќе ги снема еден ден и се чини дека тоа веќе се случува“, рече рускиот лидер.

    Путин вели дека е отворен за поправање на односите со Европа и САД, додавајќи дека Русија не направила ништо погрешно во поглед на инвазијата.

    „Ние не ги расипавме односите со западот. Тие ги расипаа односите со нас и секогаш се обидуваа да нѐ турнат на второ или трето место, игнорирајќи ги нашите интереси. Русија може да оди напред и покрај економските санкции и политичката изолација“, кажа Путин.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира