СО ТЕЛЕФОНСКА ИЗМАМА ЗА ЛАЖНА СООБРАЌАЈКА УКРАЛЕ 10.000 ЕВРА ОД 83-ГОДИШНА ЖЕНА, УШТЕ ШЕСТ ОБИДИ ЗА ИЗМАМА ИМАЛО МИНАТИОТ ВИКЕНД ВО КУМАНОВО И КРИВА ПАЛАНКА

    СО ТЕЛЕФОНСКА ИЗМАМА ЗА ЛАЖНА СООБРАЌАЈКА УКРАЛЕ 10.000 ЕВРА ОД 83-ГОДИШНА ЖЕНА, УШТЕ ШЕСТ ОБИДИ ЗА ИЗМАМА ИМАЛО МИНАТИОТ ВИКЕНД ВО КУМАНОВО И КРИВА ПАЛАНКАЧленови на семејството викендов биле мета на измамниците кажуваат дека се работи за група која добро ги знае семејствата каде што се јавува, имињата на нивните најблиски и каде се наоѓаат во моментот. (Фото: СДК.МК)

    Осумдесет и тригодишна жена била измамена минатиот викенд за 10.000 евра, кога непознати лица ѝ се јавиле по телефон и ја излажеле дека нејзината ќерка е повредена во сообраќајна несреќа во Србија. Ѝ рекле дека поради тоа што животот ѝ виси на конец таа мора итно да се оперира а нејзиното семејство треба да обезбеди поголема сума пари.

    Избезумената жена прифатила да го даде бараниот износ, па измамникот, кој се претставил како лекар, побарал парите да ги остави пред влезната капија во нејзиниот двор, спакувани во кеса и да се врати во куќата, за да не ги види. Изманиците ги земале парите, а жената ја побарала и се слушнала со нејзината ќерка, по што сфатила дека е измамена и го пријавила случајот во полиција.

    Од СВР Куманово велат дека во текот на изминатиот викенд, кај нив била регистрирана 1 пријава за измама во Куманово, 6 пријави за обид за измами, од кои една на подрачјето на Крива Паланка.

    „Сторителите се јавуваат на телефон, при што со лажно прикажување на факти ги доведуваат во заблуда граѓаните дека член од нивното семејство имал сообраќајна незгода и потребна е одредена сума на пари за да се изврши операција. Апелираме до граѓаните да бидат претпазливи, а особено повозрасните лица кога непознати лица им се јавуваат, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават на бесплатниот телефонски број 192“, велат од Кумановската полиција.

    Граѓани на кои членови на семејството викендов биле мета на измамниците кажуваат дека се работи за група која добро ги знае семејствата каде што се јавува, имињата на нивните најблиски и каде се наоѓаат во моментот. Тактиката им е откако ќе се јават на жртвата да ја држат со часови на телефонска линија, за да не може да ја провери информацијата додека не ги земе парите. Сумите кои ги бараат се различни, главно почнуваат со поголема сума, од околу 20.000 евра па се погаѓаат и прифаќаат колку ќе им се даде.

    Граѓаните се револтирани поради ваквата состојба, бараат од полиција да дејствува навремено и побрзо да ги пронајде измамниците, бидејќи постојат телефонски број, а во дел од куќите каде влегувале има и видео надзор. Во случаите каде што не успеваат да ги измамат жртвите им предизвуикуваат голем стрес и вознемиреност поради измислените приказни.

    Во кумановско, старите лица се постојана мета на измама и со продажба на огревно дрво, поради што се претпоставува дека се работи за иста група која оперира во регионот.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира