За новогодишните празници хотелите во Охрид и Струга ќе бидат полни, а според најавите најбројни ќе бидат туристите од Србија, Бугарија и Грција, Албанија и Црна Гора како и домашните посетители.
„Засега имаме добра бројка на исполнетост. Поголемите хотели веќе се исполнуваат, помалите исто така си добиваат резервации. Може да кажеме дека за истиот период од минатата година сме подобри некаде за 30 до 40 отсто во резервации“ , вели претседателот на Хотелската асоцијација (ХОТАМ), Крсте Блажески.
Според очекувањата на ХОТАМ, од 20 декември до 14 јануари исполнетоста ќе биде над 90 проценти. Цените се во зависност од понудата, а со оглед на тоа што има голем интерес може и да растат но, како што велат од ХОТАМ, ако се направат навремени резервации ќе има прилично достапни цени.
„Зборуваме за тридневен аранжман од 200 до 300 евра во зависност од тоа дали одиме во луксузи. Тоа вклучува и дочек, но секој сам ја избира понудата. Секако дека ќе има добри забави во хотелите“, вели Блажески.
За престојните празници исто така голем дел од иселениците кои ќе престојуваат на oхридско-струшкото крајбрежје ќе ги користат ресторанските услуги. Во Охрид цените се во зависност од понудата. Се нудат дводневни и тридневни аранжмани, а во поголемиот дел од нив предвидена е свечена вечера со музика во живо.
Во хотел „Метропол“ полупансион во двокреветна соба е 150 евра по лице за 2 ноќевања, 216 евра по лице за 3 ноќевања и 280 евра по лице за 4 ноќевања. Новогодишната гала вечера, без сместување, изнесува 55 евра. Хотел „Гранит“ не организира дочек, а таму ноќевање со појадок чини 40 евра по лице и 57 евра за полупансион.
Хотелиерите велат Охрид е поевтина дестинација дека во споредба со земјите од опкружувањето. Тоа што капацитетите претежно се полнат со странски гости значи дека понудата е подобра, како во цена така и во квалитет.
„Самата инфлација придонесува цените да одат нагоре. Треба да споредиме со државите околу нас, што нудат, исти објекти да споредуваме и мислам дека нудиме повеќе за помалку пари“, додава претседателот на ХОТАМ.
Хотелиерите сметаат дека лимитираниот авионски превоз во зимскиот период не дозволува да пристигнат гости од подалечните земји.
„Треба да се отворат повеќе евтини летови, чартер летови кои би биле интересни и во зимскиот период. Треба да поработиме малку и на зимските центри, да направиме повисоко ниво на зимски центар за да бидеме попривлечни за странските гости да доаѓаат со авиони. Треба и подобрување на инфраструктурата“, велат туристичките работници.
С. ВРЕНЦОВСКА