РУСИЈА НЕ ПЛАНИРА ДА ГО НАПАДНЕ НАТО, РЕЧЕ ПУТИН

    РУСИЈА НЕ ПЛАНИРА ДА ГО НАПАДНЕ НАТО, РЕЧЕ ПУТИН„Русија нема причина, нема интерес – нема геополитички интерес, ниту економски, политички ниту воен – да се бори со земјите од НАТО“, рече Путин. (Фото: АП)

    Рускиот претседател Владимир Путин ги отфрли како целосна бесмислица забелешките на американскиот претседател Џо Бајден дека Русија ќе нападне земја од НАТО ако победи во војната во Украина, додавајќи дека Русија нема интерес да се бори против воената алијанса на НАТО.

    Војната во Украина ја предизвика најдлабоката криза во односите на Москва со Западот од Кубанската ракетна криза во 1962, а Бајден лани предупреди дека директна конфронтација меѓу НАТО и Русија ќе ја предизвика Третата светска војна. Овој месец, во молбата до републиканците да не ја блокираат понатамошната воена помош, Бајден предупреди дека ако Путин ја победи Украина, тогаш рускиот лидер нема да запре и ќе нападне земја на НАТО.

    „Тоа е целосна глупост – и мислам дека претседателот Бајден го разбира тоа“, рече Путин во интервјуто објавено денеска на државната телевизија „Россија“, додавајќи дека изгледа оти Бајден се обидува да ја оправда сопствената „погрешна политика“ кон Русија.

    „Русија нема причина, нема интерес – нема геополитички интерес, ниту економски, политички ниту воен – да се бори со земјите од НАТО“, рече Путин.

    НАТО алијансата предводена од САД е основана во 1949 за да обезбеди безбедност на Западот против Советскиот Сојуз. По распадот на Советскиот Сојуз во 1991, беше проширена за да вклучи некои поранешни советски земји и земји од Варшавскиот пакт.

    Путин во неколку наврати го сметаше проширувањето на НАТО по Студената војна како доказ за арогантниот начин на Западот да се справи со безбедносните стравувања на Русија. Според член 5 од договорот за НАТО, „страните се согласуваат дека вооружениот напад врз една или повеќе од нив во Европа или Северна Америка ќе се смета за напад врз сите нив“. Путин рече дека влезот на Финска во НАТО во април ќе ја принуди Русија да „концентрира одредени воени единици“ во северна Русија во близина на нивната граница.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира