Со замолница и со ветена соработка од министерот за транспорт и врски Благој Бочварски за да се средат проблемите во М-НАВ, контролорите на летање го одложија штрајкот за Нова година.
На состанокот под водство на Синдикатот на контролорите на летање, било разговарано колкави се шансите да крахира системот во техничкиот дел ако ги турнат спорните огласи објавени од менаџментот на М-НАВ. Бидејќи во двата огласа покрај непотребните, непотистички и измислени партиски вработувања имало и 7 инженери кои реално биле потребни за да функционира Контролата на летање, контролорите се договориле да го откажат штрајкот најавен за 31 декември до втори јануари.
Биле спомнати и уплатените туристички аранжмани, купените авиобилети за патувањата за Нова година на многу недолжни граѓани.
„Иако не сме среќни со одлуката, сепак, за да не крахира системот во техничкиот дел, одлучивме штрајкот за Нова година да го откажеме. За понатаму, ќе видиме“, вели претседателот на Синдикатот на контролорите на летање Александар Тасевски.
Но, Тасевски кажува дека на состанокот бил отворен и друг проблем, а тоа е што на осумтемина највисокободувани студенти за контролори, кои беа на школа во Данска, а за кои се избори Синдикатот да влезат како најдобри, не им е продолжен договорот на определено време, додека сè уште се на обуката.
„Решенијата за вработување на овие студенти кои се со најдобри резултати менаџментот ги доведува во прашање, а се истепа да ги протне со огласи кои траеја само два дена, и само десет дена, за да протуркаат секретарки и нивни луѓе на измислени позиции“, предупредува Тасевски.
Според него, главната болка им се кадрите кои што се примаат таму без никакви селекции, туку врз основа на поднесена документација.
„Нема тестирање, нема привремени рокови за обука и проверка на нивното работно место“, укажува тој.
С. К. ДЕЛЕВСКА