СО ОДОБРЕНИЕ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА, КУЌА ВО ОХРИД СО ИСТОРИСКО ЗНАЧЕЊЕ ДОБИ ДИВОИЗГРАДЕНИ ТЕРАСИ, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОЧНА ИСТРАЖНА ПОСТАПКА

    СО ОДОБРЕНИЕ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА, КУЌА ВО ОХРИД СО ИСТОРИСКО ЗНАЧЕЊЕ ДОБИ ДИВОИЗГРАДЕНИ ТЕРАСИ, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОЧНА ИСТРАЖНА ПОСТАПКАОпштината не дала одобрение, ниту Завод и Музеј дала позитивно мислење за терасите и доградбите кои се дивоградби. (Фото: СДК.МК)

    Објектот со историско значење и препознатлива градба и фасада на улица Димитар Влахов во Охрид добива нов лик, откако инвеститорот отстапил од проектот за реконструкција со што се нарушила автентичноста и оригиналноста на градбата.

    Во оваа куќа на 26 и 27 ноември 1941 година, бугарскиот воен суд во Охрид ги осудил на смрт со бесење Лазар Колишевски и Петре Пирузе, додека Кирил Главинчев, Андон Дуков и Јаким Спироски биле осудени на повеќегодишна затворска казна поради организирање вооружено востание против бугарскиот фашистички окупатор. Пред куќата стои мермерната спомен плоча како потсетник на овој историски настан.

    Општината не дала одобрение, ниту Националната установа (НУ) Завод и Музеј дале позитивно мислење за терасите и доградбите кои се дивоградби.

    Објектот не претставува поединечно заштитено добро, велат од Завод и Музеј. Но, тој се наоѓа во контактната зона на Заштитена споменична целина прогласена за културно наследство од особено значење и согласно Закон, за реконструкција се издава Конзерваторско мислење од Завод и Музеј Охрид.

    Завод и Музеј дозволила промена на кровот со препокривање со црвена ќерамида на веќе постојната конструкција и промена на внатрешна и надворешна столарија во кафеава боја со дрвен финиш по урнек на постојната. Исто така, Заводот дозволил санација на фасадата, но со зачувување на истиот изглед и бела боја.

    Градежен инспектор донел Решение за отстранување на доградбите, а градилиштето со полициска асистенција го затвори со лента и заштитен знак, но инвеститорот ја отстранил жолтата лента и продолжил со градбата. (Фото: СДК.МК)

    „За доградените тераси од страна на НУ Завод и Музеј не е издадено позитивно мислење. Доколку без наша дозвола се изведуваат градежни активности треба да постапи градежната инспекција при Општина Охрид“, велат од Завод и Музеј.

    Овластен градежен инспектор на предметната парцела извршил вонреден надзор и изготвил записник на 14 август годинава според кој, при увидот на лице место било констатирано дека инвеститорите изградиле нелегални доградби на објектот, спротивно на Одобрението за реконструкција издадено од Општина Охрид.

    Градежниот инспектор во август донел Решение за отстранување на доградбите, а градилиштето со полициска асистенција го затвори со лента и заштитен знак, но инвеститорот ја отстранил жолтата лента и продолжил со градбата.

    Во оваа куќа на 26 и 27 ноември 1941 година, бугарскиот воен суд во Охрид ги осудил на смрт со бесење Лазар Колишевски и Петре Пирузе, додека Кирил Главинчев, Андон Дуков и Јаким Спироски биле осудени на повеќегодишна затворска казна. – Куќата во октомври 2022 година (Фото: СДК.МК)

    Од Основното јавно обвинителство Охрид велат дека e отпочната истражна постапка против две осомничени лица со наредба за спроведување истражна постапка.

    „Досега се преземени истражни дејствија на начин што е спроведено вештачење од вешто лице од градежна струка. Прибавени се и други писмени докази. Останува уште да се изврши испитување на осомничените лица по што истрагата ќе биде завршена, а по истекот на законските рокови ќе се подигне обвинителен акт за кривично дело бесправно градење“, велат од Обвинителството.

    Автентичната фасада беше урната во еден ден на 26 септември. 

    „Покрај објектот поминав во 19 часот истиот ден, од фасадата веќе не беше останато ништо. До толку беа експедитивни што градежниот шут го фрлаа директно од трети кат во камион паркиран долу. Се гледа и на видеото каква опасност е ова за пешаците кои поминуваат на тротоарот. До ден денес нема табла со информации за инвеститор на објектот“, вели читател кој ни испрати видео од рушењето на фасадата.

    А. АНТЕВСКА


     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира