На два дена пред свеченото отворање на реконструираниот затворен базен во Струга, непознати сторители ги искршиле прозорците од објектот со камења кои завршиле во базенот. Минувач синоќа околку 19,30 часот пријавил во полиција. Од СВР Охрид велат дека веднаш излегле на терен, а од увидот констатирале дека има оштетување на еден од прозорците и влезната врата.
Стружани се револтирани од ваквиот вандализам, оти по 20 години конечно добија модерен и функционален базен. Бараат да се пронајдат сторителите и апелираат да се чува заедничкото добро.
Агенцијата за млади и спорт (АМС) пред две години ја презеде иницијативата да се обнови објектот, кој скоро 20 години беше руина и надвор од употреба, откако фирмата која претходно го добила тендерот поради финансиски проблеми не можела да ги исполни обврските, па договорот бил раскинат на штета на самата фирма и била активирана банкарската гаранција.
Базенот, кој според првичните најави требаше да биде отворен летово, по санирање на оштетувањата ќе почне со работа.
С. ВРЕНЦОВСКА