Со саати се чека во пунктот за вадање нови лични документи без закажување пред салата во Полициската станица „Пролет“ во центарот на Скопје. Овој пункт беше отворен на 15 ноември и тогаш беше кажано дека ќе има 10 места за сликање. Но, граѓани кои се јавија во нашата редакција тврдат дека не работат сите места за сликање, односно отворени се само два шалтери, па затоа се чека со саати.
„Појдов во 15 часот, чекав 4 часа и не завршив работа бидејќи вратите ги затворија во 19ч. Работат само два шалтера и затоа се чека толку многу“, вели 65-годишен скопјанец кој се јави во нашата редакција.
Од Министерството за внатрешни работи тврдат дека сите 10 станици за сликање работат, а не само две како што тврдат граѓаните. И министерот Оливер Спасовски вели дека интензивно се работи на примање барања за нови лични документи и до крај на јануари сите граѓани ќе ја завршат обврската која произлегува со Преспанскиот договор со кој името на земјава во 2018 се смени во Северна Македонија, а соодветно трева да се променат и документите до 12 февруари 2024.
„Во внатрешноста веќе сме при крај со замената. Во новиот пункт без закажување во Скопје досега се примени над 40.000 барања. Сметам дека со ваква интензивна работа до крајот на јануари ќе се заврши со замената“, кажа денеска Спасовски одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата за почетокот на кампања за превенција од употреба на пиротехнички средства.
А. АНТЕВСКА