На денешното сослушување на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, подносителот на претставката за нејзино разрешување Миљазим Мустафа, ѝ прочита член од Кривичниот закон (КЗ) со предупредување дека е подложна на кривична одговорност казнива со затвор.
За тоа дека зборувала за притисоци врз судиите во интервју во САКАМДАКАЖАМ.МК, а не во Судскиот совет и во Обвинителството, тој ѝ прочита и член од КЗ кој зборува за попречување на правдата. И тука прочита затворска казна.
На ова жестоко реагираа Адеми и адвокатката Павлина Зефиќ, со барање до тричлената комисија на Судскиот совет да престане да се заканува подносителот на претставката Миљазим Мустафа.
На 3 ноември излезе интервјуто, три дена подоцна Адеми ја повикуваат на рапорт во Судскиот совет. Откако таа кажала дека времето е кратко, но да се сретнат со претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев на 8 ноември, два дена подоцна, на 7 ноември веќе членот Миљазим Мустафа ѝ поднел претставка за разрешување.
Адеми денеска кажа дека кога повторно се слушнала со Георгиев, тој ѝ кажал дека колегиумот од него побарал да ги прекине односите со неа.
Денеска во Судскиот совет Адеми одговараше на прашања и даде одбрана по поднесеното барање за разрешување од функцијата претседател на Врховниот суд на Македонија и автоматски од член на Судскиот совет.
Пред да ѝ се закани, членот Миљазим Мустафа, избран од политичките партии во Собранието, на моменти го присвојуваше водењето на седницата од претседателот на комисијата Мирсад Суроји.
„Одговарајте само со ДА или со НЕ на моите прашања!“, ѝ рече членот на Судскиот совет Мустафа неколку пати на претседателката на Врховниот суд.
„Вие не сте истражен орган. Јас сум судија, јас ги одговарам моите прашања со контекст, не можам само со ДА и НЕ“, реагираше Адеми.
Подносителот на барањето за утврдување одговорност на претседателката на Врховниот суд Миљазим Мустафа кажа дека од 22.03.2022 година до 30.10.2023 година, Адеми во својство на претседател на Врховниот суд, и член по функција на Судскиот совет, го прекршила Законот за Судскиот совет, па иако е должна да учествува на седниците, таа во континуитет, на 21 од нив не дошла.
„За некои има доставено известување за неприсуство, но не ги поткрепила со доказ. Со ова Адеми во својство на претседател на Врховниот суд и член на Судски совет по функција, оневозможила координирано, активно и ефикасно преземање на активности во Судскиот совет со цел остварување на неговите функции согласно Уставот и законите. Го прекрши член 43 на Законот, ги пречекори своите овластувања”, кажа на почетокот подносителот.
Според него, на 6.11.2023 година, Адеми постапила спротивно на член 43 од Законот, со тоа што не дошла на работната средба, по изнесените наводи за притисоци и закани за разрешување во Врховниот суд, објавени во интервјуто во САКАМДАКАЖАМ.МК.
Ова е втората точка во претставката против неа.
„Со ваквото однесување, претседателката не само што го попречи Судскиот совет во основната цел да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, туку покажа професионална и правна некултура во почитувањето на институциите во судската власт, со што придонесе за недовербата на граѓаните кон правосудството”, обвини Мустафа дека за недовербата во судството била крива Адеми со недоаѓањето на сослушување во Судскиот совет.
Барањето е за утврдување на одговорност кај Адеми за злоупотреба и пречекорување на службените овластувања.
Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми кажа дека токму исходот од оваа постапка ќе ја одреди иднината на судството во земјата.
Адвокатката Зефиќ кажа дека за нив ова не претставува обична расправа, туку историски ден од исходот на оваа постапка ќе се исцртааат патоказите по кои ќе се движи правосудството во иднина. Ова е борба за целокупното правосудство за неговата независност.
„Рековте со неприсуство на 21 седница го оневозможила Судскиот совет активно да презема мерки и да извршува функции во рамки на обезбедување на независноста на судската власт. Но, во меѓувреме, стигна извештајот на Оценската мисија на ЕУ, според кој наводите во барањето за одговорност се целосно неосновани”, кажа Зефиќ.
Потоа извади цитати од тој извештај: „Наш совет е претседателот на Врховниот суд повеќе да не биде дел од Судскиот совет, за да се обезбеди внатрешна независност на судството. Треба да се напомене дека претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, по неодамнешните контроверзни настани во Судскиот совет, не присуствуваат на седниците по сопствена одлука, и тоа не е прекршување на законот”.
За член 43 кажа дека не може учество во работата во Судскиот совет да се поистоветува со физичко присуство.
„Не секој што присуствувал, учествувал во седници, давал предлози, земал збор за расправа, воопшто прозборувал на седници. Право е на членот да учествува, а не може да биде принуден. Не постои специфична одредба на колку седници член на Судскиот совет може да присуствува. Па како може да се зборува за пречекорување на службена положба?”, праша Зефиќ и потсети на членови на Судскиот совет кои цело време молчат, а служат само како гласачка машинерија.
„Претседателката е менаџер и го води највисокиот суд во државата, а нејзината работа е пофалена и од вас, сте го оцениле судот како ажурен, а на иста линија се и извештаите на Европската комисија и Извештајот на Стејт департментот за 2022 година. Соработувате со претседателката, ве известува за работата на Врховниот суд, но и ви доставува материјали за извршувањето на нејзините функции. Да се вели дека со нејзиното неприсуство било оневозможено функционирањето на Советот, за мене е несериозно. Може да се донесе заклучок дека сте биле неефикасни, што е неточно. Таа не влијаела ни за кворум за работа, ни за усвојување на дневен ред Таа нема право да гласа за некои точки”, рече адвокатката.
„Натаму, 7 дена пред седница треба да се испратат поканите. Во овој период само 4 биле со итен карактер, а другите биле редовни. Само за 3 седници Адеми била поканета во законскиот рок, за што доставивме докази. Судскиот совет не достави образложение зошто е канета два-три дена пред седниците”, продолжи адвокатката да пружа одбрана.
„Натаму, сте усвоиле записници во кои кај Адеми стои: оправдано отсуство! Башка, никаде во законите не се бара доказ за отсуството, опис што ќе прави член на Советот тој ден, какви обврски ќе има“, вели Зефиќ.
Таа вели дека главната причина за поведување на постапката, се нејзините наводи во интервјуто во САКАМДАКАЖАМ.МК. Нејзината слобода на изразување е загрозена, загарантирана во член 16 од Уставот и членот 10 од Европската конвенција за човекови права.
„Самото поведување на постапка, без оглед дали ќе има дисциплинска, па дури и само закана дека ќе има дисциплинска постапка, според пресудите на Европскиот суд за човекови права и слободи, е закана за слободата на изразување. Судот во Стразбур дава голема заштита на носители на функции во судството. Вели дека ваквиот вид на постапки се за всадување страв и за замолчување и на другите судии. Судскиот совет се надеваме ќе има предвид каква порака ќе упати до целото судство. Најдобро е постапката да се запре, не само да се зачува угледот на Адеми, туку и на Судскиот совет како тело, кое што е гарант за независноста на судството“, вели таа.
Но, Мустафа на тоа одговори: „Меѓународните извештаи се значајни за работата на судските институции, но ние имаме овде закони и Устав“.
С. К. ДЕЛЕВСКА