Романија и Бугарија на 31 март 2024 делумно ќе се приклучат на Шенген зоната, што ќе важи само за патувањата со авион и брод, одлучи денеска Европската комисија. Со тоа зоната на слободно движење ќе биде проширена на 25 од 27 членки на Европска Унија, а таа ги вклучува и Норвешка и Швајцарија. Од членките на ЕУ, само Ирска и Кипар остануваат надвор од Шенген зоната.
Романците и Бугарите и натаму ќе треба да покажат пасош кога ги поминуваат копнените граници на своите соседи од ЕУ.
Најголемиот противник на влегувањето на Романија и Бугарија во Шенген беше Австрија, која сметаше дека двете земји не чинат доволно за да ги спречат илегалните преминувања на границата. Австрија лани стави вето на одлуката, а сега се согласи со компромисно решение откако Бугарија и Романија ветиле дека повеќе ќе се борат против илегалната имиграција.
Во изминатиот период, владите на Австрија, Германија, Полска, Чешка, Словачка, Словенија, Италија и Данска ги вратија граничните контроли со цел да се справат со напливот на мигранти. Во првите десет месеци од 2023, ЕУ регистрирала речиси 331.000 илегални преминувања на границата, најмногу од 2015, од кои половина преку централната медитеранска маршрута.