Тетово има многу специфичен обичај со кој се одбележува празникот Бадник. Наместо наутро, како што прават коледарите, во Тетово кога ќе се стемни први одат најмладите кои од куќа до куќа ја пеат песната „Кој што спие нека стане…“ а од домаќините се дарувани со костени, ореви, јаболчиња, пари. Подоцна во ноќта се маскираат младите и прославуваат по тетовските улици и во кафулињата.
На овој ден правило е во кафуле да се влегува само ако си маскиран. Така беше и оваа година голем број маскирани девојки и момчиња, а имаше и повозрасни лица, продефилираа маскирани по тетовските улици, а потоа прославата продолжуваше по тетовските кафулиња. Маските беа разновидни и многу иновативни, и како што велеа нивните автори, се подготвуваа долго време и со голема посветеност и љубов.
„Традицијата на Бадник во Тетово е да се ‘преправиме’. Сите облекуваме маски. Секој си има индивидуална маска и секој го дава максимумот за себеси да си биде уникатен и идеален“, вели млад учесник на маскенбалот.
Други велат дека е важно е да се одржи традицијата, а и „забавно ни е да правиме маски, да излегуваме“.
„Со текот на годините маските се покреативни. Обично порано купувавме готови маски, ама сега низ градот има многу креативни маски. Подготовките за Бадник траат најмалку една недела, а некогаш и повеќе. Идеите ги наоѓаме на иИнтернет, но често пати и самите ги креираме маските по наша замисла. Затоа за нас Бадник значи веселба и голема радост“, велат учесници на Бадниковиот маскенбал во Тетово.
З. АНДОНОВ