НЕ Е ФЕР ДА ИМ ДАВАМЕ ЛАЖНА НАДЕЖ НА ГРАЃАНИТЕ ДЕКА МОЖЕ ДА СЕ ОДЛОЖИ РОКОТ ЗА ПРОМЕНА НА ПАСОШИТЕ, ВЕЛИ БУЈАР ОСМАНИ

    НЕ Е ФЕР ДА ИМ ДАВАМЕ ЛАЖНА НАДЕЖ НА ГРАЃАНИТЕ ДЕКА МОЖЕ ДА СЕ ОДЛОЖИ РОКОТ ЗА ПРОМЕНА НА ПАСОШИТЕ, ВЕЛИ БУЈАР ОСМАНИМинистерот за надворешни работи Бујар Османи денеска е домаќин на албанскиот колега Игли Хасани. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека не е фер на граѓаните да им се дава лажна надеж дека може да се одложи рокот за промена на пасошите со новото уставно име, туку, според него, правилно би било државните институции да организираат и да го забрзаат издавањето пасоши. Османи смета дека не е можно да се сменат одредбите на Договорот од Преспа или да се смени законот за спроведување на уставните амандмани, со кои што се предвидува до 12 февруари годинава да се сменат пасошите.

    „Договорот од Преспа е меѓународен договор. Јас мислам дека наместо да се концентрираме на давање на лажна надеж на граѓаните дека ќе ги смениме одредбите од Преспанскиот договор или дека ќе се смени законот за спроведување на уставните амандмани, треба да работиме на тоа граѓаните да немаат пречки после 13 февруари. Да се забрза издавањето на пасоши, да почне налепниците да се лепат на регистерските таблички и мислам дека ова е поздраво да им се каже на граѓаните дека е обврска која што се провлекува 5 години и да се обидеме до 13 февруари да ги средиме документите на граѓаните, притоа не на сметка на граѓаните, туку државата треба да ги направи тие напори, па ако треба и да ги компензира граѓаните кои во овој период треба да ги сменат своите лични документи. Овој пристап е поздрав отколку добивање политички поени за нешто што нема да можеме да го направиме, ниту оваа претставка до Уставниот суд не може да го смени Преспанскиот договор, ниту било кои законски измени. Ајде да се организираме, да побараме разбирање од граѓаните за нешто што сме го презеле како обрвска и да го решиме тоа прашање до 13 февруари. Пофер е да им се каже на граѓаните – имаме обврска, ајде да се организираме да помине без многу потешкотии, отколку сега заради некаква политичка придобивка во предизборие да им се дава лажна надеж дека ќе се одложи рокот. Гледаме дека гужвите се намалуваат во одредени делови, ајде да ги ставиме сите сили институционални на располагање на граѓаните да немаат проблеми со патување после 13 февруари“, кажа Османи, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во МНР со неговиот албански колега Игли Хасани.

    Османи во петокот се сретна со грчката амбасадорка Софија Филипиду, по што од неговиот кабинет соопштија дека „биле разгледани и мерките и активностите кои Владата ги спроведува во насока на имплементација на обврските од Преспанскиот договор“.

    Претходно месецов, првин претседателот Стево Пендаровски кажа дека може да се одложи рокот за промена на пасошите со две-три законски измени, а ВМРО-ДПМНЕ потоа поднесе претставки до Уставниот суд за законите за патни исправи и за безбедност во сообраќајот, кои ако бидат прифатени, би овозможиле одложување на рокот.

    Но, Османи денеска повтори дека мора до 12 февруари да бидат променети пасошите.

    „Да им кажеме на граѓаните – ајде имаме уште еден месец, максимално да се организираме тие што ги немаат сменето, да ги сменат, а на 12 февруари ќе видиме да најдеме решение за тие што не успеале“, рече Османи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира