Во Германија почнa судењето на жена обвинета дека убила жена која личела на неа со цел да ја лажира сопствената смрт. Дваесет и четиригодишната Шарабан К. е обвинета дека заедно со 25-годишен маж избрала жртва која била со слични изглед и возраст како неа.
Обвинителството вели дека тие планирале да избегаат и да почнат нов живот, но биле фатени следниот ден. Убиството се случи во август 2022.
Според судските документи, Шарабан, која има германско-ирачко потекло, на Инстаграм барала жени кои личеле на неа и потоа им ветувала разни работи во обид да се сретне со нив. На 23-годишната жртва со алжирско потекло ѝ ветила бесплатни третмани во салон за убавина.
Хадиџа О. била земена од јужниот германски град Епинген и потоа двајцата обвинети ја одвезле кон Инголштат. Попат, таа била избодена 56 пати и удирана во главата, пред нејзиното тело да биде оставено во шума во автомобилот на Шарабан. По пронаоѓањето на телото, во прв момент се мислело дека Шарабан била убиена, но таа и Шекир К. биле уапсени следниот ден откако биле забележани во локална пицерија.
Двајцата се осомничени и дека ангажирале платен убиец за да го убие братот на поранешниот партнер на Шарабан, но убиството не било извршено, иако убиецот примил депозит од 5.000 евра.
Германските медиуми објавија дека Шарабан сакала да ја лажира својата смрт поради својот пропаднат брак.