ОПШТИНА ЦЕНТАР РАСПИША ПОВИК ЗА ЛИЧНИ АСИСТЕНТИ ЗА УЧЕНИЦИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ

    ОПШТИНА ЦЕНТАР РАСПИША ПОВИК ЗА ЛИЧНИ АСИСТЕНТИ ЗА УЧЕНИЦИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТЛичните асистенти ќе работат 4 часа на ден и ќе добиваат паричен надоместок од 15.000 денари. (Фото: К. Попов)

    Општина Центар го распиша jавниот повик за ангажирање на лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби кои имаат потреба од помош и придружба во наставата во второто полугодие од учебната 2023/24 година. Заинтересираните кандидати треба да имаат минимум завршено средно образование и искуство во работа со деца со посебни образовни потреби.

    Асистентите ќе имаат скратено работно време, по четири часа дневно, во период од пет месеци, почнувајќи од 1 февруари 2024 до крајот на учебната 2023/24 година.

    „За кандидатите кои ќе бидат избрани и вклучени во проектот ‘Образование за сите‘ се предвидува паричен надоместок во висина од 15.000 денари, со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување предизвикано од повреда на работа и професионална болест“, велат од Општина Центар.

    Лицата кои сакаат да аплицираат на јавниот повик треба да приложат барање за учество во проектот „Образование за сите“, професионална кратка биографија, потврда од Агенцијата за вработување доколку кандидатот е невработено лице евидентирано во Агенцијата, доказ за завршено образование, потврда за претходно работно искуство со лица со попреченост и лиценца за личен асистент на лица со попреченост доколку кандидатот поседува таква.

    Барањето за учество во проектот „Образование за сите“, заедно со потребната документација, се поднесува во архивата на Општина Центар, барака 6, од 9 до 15 часот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира