ДОБРИ СЕ ПРОЦЕДУРИТЕ ЗА БЕЗБЕДНОСТ ВО М-НАВ, НО НЕКОЈ СИ ЗЕЛ ЗА ПРАВО ДА НЕ ГИ ПОЧИТУВА, УТВРДИ ВОНРЕДНАТА ИНСПЕКЦИЈА НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ЦИВИЛНО ВОЗДУХОПЛОВСТВО

    ДОБРИ СЕ ПРОЦЕДУРИТЕ ЗА БЕЗБЕДНОСТ ВО М-НАВ, НО НЕКОЈ СИ ЗЕЛ ЗА ПРАВО ДА НЕ ГИ ПОЧИТУВА, УТВРДИ ВОНРЕДНАТА ИНСПЕКЦИЈА НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ЦИВИЛНО ВОЗДУХОПЛОВСТВОДиректорот на АЦВ Тунтев вели дека вонредната инспекција покажала дека М-НАВ ги има изготвено сите неопходни документи и тие се во функција, но некој своеволно си зел за право да не ги почитува процедурите и да работи по сопствено убедување. (Фото: СДК.МК)

    Недостатоците утврдени во обезбедувањето на М-НАВ се резултат на континуирано непридржување кон пропишани процедури за обезбедување, вели директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) Томислав Тунтев, коментирајќи го прелиминарниот извештај од вонредниот надзор по инцидентот во М-НАВ на 4 јануари во делот на обезбедувањето. Тој вели дека се утврдени 14 наоди и од нив се изречени 11 задолжителни мерки кои што М-НАВ треба да ги спроведе.

    Целта на овие мерки, според Тунтев, е да се спречи, односно да се превенира повторување на ваков настан.

    „Една од опциите е во догледно време да е набават металдетекторска врата и рендген уред за да има контрола на сите кои влегуваат. Намерата е нивото на обезбедување при влегување во објектот на М-НАВ да се подигне приближно до нивото на обезбедување што го има аеродромскиот оператор за сите кои влегуваат во внатрешноста на аеродромот“, вели Тунтев во разговор за државната агенција МИА.

    Тунтев вели дека вонредната инспекција покажала дека М-НАВ ги има изготвено сите неопходни документи и тие се во функција, но некој своеволно си зел за право да не ги почитува процедурите и да работи по сопствено убедување.

    „Вонредната инспекција исто така покажа дека М-НАВ си ги има изготвено и во функција и се сите неопходни документи, но во случајов се работи за прекршување на процедурите што се дефинирани. Некој своеволно си зел за право да не ги почитува процедурите, туку да работи според сопствено убедување. Тоа довело до неовластено или незаконско влегување на лица во службени простории, но не во оперативната сала каде се остварува комуникација помеѓу авионите и контролорите. И заради низа други пропусти кои веројатно се толерирале подолг период во самиот објект, како на пример да не се држи затворена одредена врата што требало да им биде затворена за да им биде покомотно. Еден сплет на околности кои довеле до повреда на безбедносните процедури од аспект на физичко обезбедување на објектот“, вели тој.

    Но, за разлика од делот за безбедноста, во делот на обезбедувањето констатирани се сериозни прекршувања и непочитувања на законски одредби и на подзаконски акти.

    АЦВ предложила и мерки за дополнителна обука на персоналот од надворешната агенција кој работи на физичкото обезбедување.

    „Исто така и да си ја повратат сопствената служба, да си ангажираат нови луѓе, да ги обучат, ние ќе ги сертифицираме затоа што обезбедувањето од акти на незаконски дејства во М-НАВ е дел од процесот на сертификација што го спроведуваме кај нив. Доколку М-НАВ покаже волја, способност да ги реализира тие активности и во догледен период дефиниран со корективен план на активности ги преземе и ни докаже дека се спроведуваат, тогаш сме ја постигнале целта. Доколку се покаже дека не е така, крајно е дека можеме да го одземеме сертификатот што се однесува на дејноста обезбедување, да прогласиме дека М-НАВ со сите инсталации и уреди и во Скопје и во Охрид се наоѓа во ‘ерсајд’ и дека секој кој сака да влезе во тие објекти ќе си помине на службен влез преку обезбедувањето на аеродромскиот оператор. Не верувам дека ќе дојде до тоа“, вели директорот на АЦВ.

    По насилниот упад во М-НАВ на 4 јануари беше променето раководствотО на институцијата. На местото на досегашните директори Фахрудин Хамиди и Љубе Стаменковски беа именувани Хекуран Асани и Милан Кораќ.

    За упадот во М-НАВ, Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

    Упадот се случи веднаш по прес-конференцијата на Синдикатот на контролори на летање, на која што беше најавен штрајк ако менаџментот на М-НАВ не престане со партиските вработувања, но и беа повикани Антикорупциската комисија, Трудовата инспекција, а потоа и Финансовата полиција и Обвинителството да истражат во М-НАВ многу сомнителни постапки за вработување, за тендери, како и за реновирање гаража од 200 метри квадратни со скоро половина милион евра.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира