Библиотеката „Браќа Миладиновци” од Скопје и дел од нејзините клонови денеска останаа без струја. Објектите на оваа установа која е под надлежност на Град Скопје се исклучени од ЕВН бидејќи имаат неплатени сметки.
Библиотеката има една неплатена сметка за електрична енергија и три сметки за дистрибуција на струја.
Директорката на библиотеката Снежана Стојчевска вели дека проблемот е настанат бидејќи не се префрлени пари од Град Скопје.
„Ова е третпат во мојот мандат од април 2022 година да бидеме исклучени од струја за две неплатени сметки. Како јавна установа, средствата за режиски трошоци ги добиваме од Град Скопје, кои што веднаш беа запознаени со проблемот и ветија брзо решавање“, вели Стојчевска.
Директорката вели дека утре проблемот ќе биде решен и установата повторно ќе добие струја.
А. АНТЕВСКА