Кризата со ковид-19 многу се одрази врз знаењето на учениците, па за да се надополни дел од пропустите, во основното училиште „Ѓорги Сугарев“ во Битола, каде што претежно се школуваат ромски ученици, се применува туторска настава. Тоа е еден вид дополнителна настава, која се применува пред или по часовите по предметите математика, македонски и англиски јазик. Од април до декември 2023 ја изведуваа шестмина тутори во координација со консултант преку проект на Европската Инија и во партнерство на Општина Битола. Поради постигнатите резултати, Општина Битола издвои средства од сопствениот буџет за продолжување на туторството до крајот на оваа учебна година.
„Многу се одрази ковид-кризата врз знаењето на учениците. Имавме скратени часови, онлајн настава, кој имаше услови да се вклучи, кој не. Беше потребен ваков проект за децата да го надополнат изгубеното. Децата беа презадоволни и сакаа да одат. Имаше голем напредок кај редовните ученици. Она што го учиме таму го повторуваа, обновуваа, пишуваа домашни задачи“, изјави одделенската наставничка Соња Крајчевска.
Од туторската настава задоволни се и родителите.
„Внуката е четврто одделение, доаѓаше на туторска настава по англиски и македонски јазик. Многу сме задоволни, па сакаме да продолжи. Не можевме да ѝ помогнеме дома, имаме мало внуче, а родителите се на работа“, рече Ѓулсаде Османовска.
Наташа Тодоровска, одделенска наставничка и консултантка во проектот, како и туторка на ученици, рече дека по коронавирусот потреба од дополнителна настава имаа сите ученици, без разлика дали се од ранливи категории или не.
„Туторската настава се одвиваше по редовните часови, што значи децата по петтиот и шестиот час остануваа уште 60 минути, четири до пет дена во неделата, што е навистина голем труд“, рече Тодоровска.
Општина Битола предничи во бројот на деца кои посетуваат туторска настава. Наместо 30, вклучени се над 80 ученици.
„Бидејќи има видливи резултати, Општина Битола одлучи да ја продолжи ваквата настава и во второто полугодие, па издвои средства од сопствениот буџет за ангажирање шестмина тутори преку јавен повик. На овој начин, како Општина даваме поддршка на учениците Роми кои се соочуваат со одредени потешкотии во образовниот процес“, рече градоначалникот Тони Коњановски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА