ЛАНИ ДВЕ ЖРТВИ ВО ПОЖАРИТЕ ВО ВЕЛЕШКО, ЧИЈ БРОЈ Е ВО ПОРАСТ ПО ЧЕТИРИ ГОДИНИ ОПАЃАЊЕ

    ЛАНИ ДВЕ ЖРТВИ ВО ПОЖАРИТЕ ВО ВЕЛЕШКО, ЧИЈ БРОЈ Е ВО ПОРАСТ ПО ЧЕТИРИ ГОДИНИ ОПАЃАЊЕОткако четири години претходно бројот на интервенции на велешките пожарникари постојано се намалуваше, лани се случи нивен пораст. (Фото: СДК.МК)

    Зголемен е бројот на интервенции на велешките пожарникари, 269 лани наспроти 234, што е за 35 повеќе отколку во 2022 година. Ова се однесува на територијата која ја покрива ТППЕ Велес, а тоа се матичната општина Велес и соседните Чашка и Градско.

    Откако четири години претходно бројот на интервенции на велешките пожарникари постојано се намалуваше, лани се случи нивен пораст. Освен што е зголемен бројот, во пожарите лани згаснаа и два човечки животи а во 2022 жртви немаше.

    „Човечки фактор, човекот е причина за зголемениот број на пожари и интервенции на територијата каде работиме“, вели Димче Јованов командир на вод при ТППЕ Велес.

    Од вкупниот број интервенции, во Општина Чашка имало 11, додека на територијата на Општина Градско 13.Или само во Општина Велес во 2023 имало 245, што е за 45 повеќе од годината претходно.

    Пожари на отворено имало 115, пожари на објекти 20 и 51 технички интервенции, во кое што спаѓа и интервенции при сообраќајки, вадење давеници од вода, влегување во стан заради потребите на полиција, искрење на бандери, вадење на вода од подрумски простории.

    При пожарите во шума, на трева, стрништа биле зафатена површина од 400 хектари што е за 150 повеќе отколку во 2022 кога биле опожарена површина од 250 ха а во 2021 -179 ха. Минатата година се бележи пад при бројот на интервенции за запалени возила, кога пожарникарите интервенирале во 15 случаи, наспроти 16 во 2022 и дури 26 во 2021.

    Зголемен е бројот на интервенции лани – 27 случаи на пожарникарите при гасење на оган во контејнери. Намален е бројот и на интервенции при запален оџак само 9 наспроти 21 во 2021.

    Според истражувањата ТППЕ Велес има најнов возен парк во однос на останатите од земјава, во просек стар 12 години.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира