Илјадници лекари од 23 универзитетски болници низ Германија утре ќе стапат во штрајк како дел од спорот за платите и работното време.
Итната грижа за пациентите не се очекува да биде нарушена поради штрајкот бидејќи директорите на болниците се обврзани да обезбедат персонал за итни случаи, но услугите на клиниките би можеле да бидат нарушени, кажаа од синдикатот Марбургер Бунд, кој ги претставува лекарите.
Се очекува неколку илјади лекари да се соберат утре попладне во Хановер за да побараат зголемување на платите и ограничување на ротирачките смени.
Водачите на болниците и на синдикатот досега не успеаја да постигнат договор по неколку рунди преговори. Синдикатот бара зголемување на платите за 12,5% и повисоки бонуси за ноќни смени, викенди и државни празници за повеќе од 20.000 лекари во државните универзитетски болници.
„Сојузните покраини во Германија, кои ги поседуваат болниците, не сакаат да се соочат со фактот дека универзитетските болници сѐ повеќе заостануваат во однос на платите на лекарите и условите за работа“, рече Андреас Боцлар, синдикален лидер.
Тој додаде дека пониските плати и подолгите работни часови во универзитетските болници во споредба со другите медицински установи го отежнуваат ангажирањето помлад кадар.