Актерите Бедија Беговска, Благоја Чоревски, Ѓокица Лукаревски, и Рефет Абази, музичарот Ристо Вртев, писателката Оливера Николова и режисерот Слободан Унковски добија орден за заслуги од Претседателот Стево Пендаровски, на свечена церемонија во Филхармонијата.
„Македонија не сме ние политичарите, Македонија се нашите уметници“, кажа Пендаровски на доделувањето на ордените.
На церемонијата не дојде писателката Оливера Николова. Во видеото снимено дома кај Николова која во март ќе наполни 88 години, таа кажа дека во нејзините години би требало да одмара, но уште ѝ “работи црвот“ и има желба да пишува.
„Благодарам за орденот за заслуги на претседателот Педаровски, за мојата повеќе од 50 годишна работа“, рече режисерот Слободан Унковски. „Жал ми е што не научивме подобро како нашата уметност да ја промовираме надвор“, додаде Унковски.
„Сакам да му се заблагодарам на моето семејство, најмногу на мојата сопруга која ги издржа сите овие 47 годни, и ме трпеше, затоа што не е лесно актер да трпите“, кажа Благоја Чоревски.
Музичарот Ристо Вртев рече дека досега добил многу естрадни награди, но оваа е особено важна, затоа што му дава смисол на сето она што го постигнал досега.
„Драго ми е што ги видов сите овие снимки од мене кои не се толку убави, но поубава сум во природа“, рече низ насмевка Бедија Беговска. Актерката кажа дека подготвила поголем говор кој сепак нема да го прочита. Беговска особено се изарадува што во голем број дојдоа нејзините колеги од Турскиот театар на кои посебно им се заблагодари.
„Благодарм за оваа награда која ја дoбив за едне минат труд којшто го изодев во овие 45 години. Горд сум на овој уметнички пат, но морам да кажам дека не ќе го изодев да не беа моите колеги кои ме поддржаа“, кажа актерот Ѓокица Лукаревски.
Актерот Рефет Абази рече дека кога во 1985 се запишал на Факултетот за драмски уметности, тој не избрал професија, туку животна мисија. „Најмногу сум му благодарен на професорот по режија и промотор на македонската театарска уметност, Владимир Милчин“, кажа Абази.
Церемонијата продолжи со настап на Никола Бочваров трио.
М. ЏАРОВСКА