Кастриот Авдили, Стојан Вујичиќ и Кристијан Ристески за новите долгометражни играни филмови добија вкупно 1,27 милиони евра поддршка на Конкурсот во втор рок за 2023 година на Агенцијата за филм. Од Агенцијата соопштија дека на овој конкурс фокусот бил на детскиот филм.
Авдили доби 28 милиони денари (450.000 евра) за „Роден да живее“ во продукција на „Дарданиа филм“, неговиот трет филм по „Враќање“ (2017) и „Можеби“ (2021).
Стојан Вујичиќ доби 26 милиони денари (420.000 евра) за „Снешко“ во продукција на „Дрим фектори“, неговиот втор филм по детскиот „Стела“ (2020).
Кристијан Ристески доби 25 милиони денари (405.000 евра) за „Не се согласувам“ во продукција на Фокус покус“, по дебито со „Снежана на крајот умира“ (2021).
Со вкупно 8 милиони денари (130.000 евра) поддржани се три долгометражни играни филмови со македонски малцински удел во кои учествуваат продукциите „Круг филм“, „ДМФ“ и „Минимал колектив“.
Поддржани се и два долгометражни документарци, „Последниот сведок“ на Мерита Сали Чочоли и „Еден друг град“ на Роберт Јанкуловски, а во оваа категорија поддржани се уште два филма со македонски малцински удел, на продукциите „КТ филм и медиа“ и „Пик продукција Прилеп“.
Кај краткометражните филмови поддршка добија вкупно 6 играни од кои 4 се на дебитанти, како и вкупно 4 куси документарци од кои 3 на дебитанти. Поддржани се и вкупно два куси анимирани филмови од кои еден е дебитантски, како и еден со македонски малцински удел.
На конкурсот во првиот рок за 2023 на Агенцијата за филм беше поддржан само еден македонски долгометражен проект, „Мајка – Можната приказна за мајка Тереза“ на Теона Митевска со 600.000 евра, а поддршка добија и 8 копродукции со македонско малцинско учество.