ПРОФЕСИОНАЛЕН ВОЈНИК ШВЕРЦУВАЛ МОБИЛКИ ЗА ЗАТВОРЕНИЦИ ВО ИДРИЗОВО, ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР

    ПРОФЕСИОНАЛЕН ВОЈНИК ШВЕРЦУВАЛ МОБИЛКИ ЗА ЗАТВОРЕНИЦИ ВО ИДРИЗОВО, ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОРВојникот скрил 10 мобилки во електот и преку две заштитни огради им ги фрлал на затворениците. (Фото: СДК.МК)

    Oсновното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 23-годишен професионален војник осомничен дека шверцувал мобилни телефони за затвореници во затворот Идризово во Скопје. Тој е осомничен за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување.

    „Осомничениот, на 1 февруари во КПУ Идризово – Скопје, како службено лице – професионален војник во Армијата на Република Северна Македонија, поради прогласена кризна состојба на подрачје на затворот, бил ангажиран како надворешно статично обезбедување од стражарна кула на оградниот ѕид на затворскиот објект. Притоа, тој презел дејствие со кое ги пречекорил границите на своите службени овластувања со намера за двајца осуденици кои издржувале казна затвор во затвореното одделение и на кои согласно куќниот ред во затворот им се забранети мобилни телефони, да им прибави и да им овозможи користење на мобилни телефони и комуникација без надзор на затворска полиција. Откако претходно скрил десет мобилни телефони во тактичкиот елек од униформата која ја носел, тој го напуштил стражарното место и знаејќи дека осудениците биле пуштени на дневна прошетка и го чекаат, застанал до ѕидот од кабината и последователно преку две заштитни огради им ги фрлал мобилните телефони, со цел да им овозможи комуникација без надзор“, соопшти Обвинителството.

    Обвинителството бара притвор за осомничениот војник, бидејќи постојат околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство, како и особени околности кои го оправдуваат стравувањето дека тој ќе го повтори кривичното дело.

    Од АР соопштија дека началникот на Генералштабот веднаш издадал наредба и дал конкретни задачи за „преземање на сите пропишани законски дејствија и отпочнување на постапка за спроведување на соодветни дисциплински мерки“.

    „Согласно процедурите, надлежните служби за безбедност во Армијата и воената полиција се во непосредна координација и соработуваат со јавното обвинителство и надлежните истражни органи во МВР. По квалификација на делото од страна на надлежните истражни органи, во рамки на законските надлежности ќе бидат преземени соодветни пропишани дисциплински мерки, кое за конкретниот случај согласно Законот за служба во Армијата, спаѓа во дисциплински престап за кое е предвидена и најстрогата дисциплинска мерка-престанок на работниот однос. Генералштабот најостро ги осудува појавите за било каков облик на недозволени или криминални однесувања кои се далеку од начинот на однесување на припадниците на Армијата со кои се нарушува угледот на Армијата и секогаш безкомромисно ќе настојува овие припадници да бидат најстрого санкционирани согласно законските регулативи“, соопшти АРМ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира