Во штипските училишта од денеска почна да се интонира македонската химна. Утринава пред почетокот на наставата, учениците и наставниците беа присутни на интонирањето на химната во училишните холови, а потоа заминаа во своите училници на настава.
„Чинот на интонирање на македонската химна е предвиден со правилник за општи норми и кодекс за етичко однесување на учениците, родителите, наставниците, стручните соработници и останатите вработени во училиштата, донесен минатата недела од училишните одбори“, вели раководителот на одделението за образование во Општина Штип, Снежана Санева.
Правилникот предвидува интонирање на химната секој понеделник пред 7:30 часот, како и попладне пред 13:30 часот за учениците и наставниците од втората смена.
„Околу 500 ученици од првата смена во ОУ ‘Димитар Влахов‘ во Штип утринава кога влегоа во холот на училиштето беа пријатно изненадени кога ја слушнаа македонската химна. Во 40-годишното постоење на ова училиште ова е првпат да се интонира македонската химна. Возбудени од настанот, учениците и наставниците почнаа да ја потпевнуваат химната. Додека е ладно, интонирањето ќе се спроведува во холот, а кога ќе биде потопло, планираме тоа да се прави во широкиот двор на училиштето, каде имаме и јарбол со македонското знаме“, вели директорката Невенка Величкова.
Слично е и во останатите училишта во Штип кои минатата недела добија униформи за учениците од одделенската настава, а се предвидува наскоро униформи да добијат и учениците од предметната настава.
Т. ЈОВАНОВСКИ