На скопската планина Водно викендов беше преполно и блокирано од автомобили. Возила беа паркирани од двете страни на улиците кои водат и кон Нерези и кон центарот, па пешаците потешко поминуваа од хаосот од автомобили. Возила имаше паркирано и пред скалите каде пешаците се качуваат кон клупите близу до црквата „Пресвета Богородица“ на Средно Водно и многумина реагираа дека коли го го блокираат пристапот.
Полни беа и сите паркинзите на Средно Водно, каде што еден час паркинг чини 75 денари за викенди и за празници, а вториот е 50 денари. Паркингот е бесплатен во работните денови.
Иако на Водно вриеше од возила, никаде ги немаше инспекторите од Град Скопје да ги казнат за недозволено паркирање во зеленило.
Проблемот со паркирани возила на Водно трае со години и никако да се реши. Ексградоначалникот Петре Шилегов кога дојде на функција во 2017 донесе одлука за забрана на движење на возила на Водно, и беа воведени бесплатни автобуски линии за викенд до Средно Водно. Но, после една година забраната се укина и се воведе наплата на паркингот на Средно Водно.
А. АНТЕВСКА