ФИРМА ОД АВСТРИЈА ЌЕ ГО СОБИРА СМЕТОТ ВО ОПШТИНА ТЕТОВО

    ФИРМА ОД АВСТРИЈА ЌЕ ГО СОБИРА СМЕТОТ ВО ОПШТИНА ТЕТОВОАвстриската фирма „Заубермахер“ постави 400 нови контејнери и купи 8 нови камиони, а вработените ги добија заостанатите плати. (Фото: СДК.МК)

    Со нови контејнери, нови униформи, од денеска и официјално започна работата на австриската фирма „Заубермахер“ со која Општина Тетово потпиша договор за приватно-јавно партнерство за собирање на сметот од општината. Во градот веќе се поставени новите контејнери кои ги заменија старите кои повеќето беа оштетени, набавени се и 8 камиони за собирање на сметот, а воедно работниците, кои досега работеа во тетовското јавно комунално претпријатие, сега се преземени од новата фирма и им се исплатени заостанатите плати.

    „Нашата општина има потреба од создавање основна инфраструктура за собирање, селекција, третман и преработка, како и депонирање на отпадот. Беше неопходно да се зајакнат обврските на сите актери во управувањето со отпадот, како и примената на принципите на циркуларна економија за минимизирање на отпадот и заштита на животната средина. Токму во насока на најефикасно и најфункционално управување со отпадот, Општина Тетово склучи договор за јавно-приватно партнерство со австриската компанија ‘Заубермахер’. Силно верувам дека ова партнерство и сеопфатен професионален план, ќе бидат успешни кон модернизирање на начинот на третирање на отпадот. Нашата визија заедно со компанијата е да обезбедиме чист и развиен град за сите“, изјави градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

    Фирмата „Заубермахер“ е со седиште во Виена, Австрија и има 45-годишно искуство во менаџирање со отпадот и со оваа дејност е присутна во 20 градови од Централна Европа.

    „Мојот тим и јас ова го гледаме како наша должност да дадеме придонес за општеството и животната средина – за идните генерации да можат да живеат во чиста и недопрена природна средина. Затоа за мене е особено важно да го поддржам градот Тетово во воспоставувањето на еколошки систем за собирање отпад, да ја доведе Северна Македонија до европските еколошки стандарди и да им понуди на нашите клиенти најдобри совети и услуги. Имаме планирани многу активности, на пример, формирање центар за собирање отпад за граѓаните, поставување пунктови за собирање отпад, акционен план против неадекватни места за отпад, подигање на свеста за правилно фрлање на отпадот во контејнери преку информативни кампањи во медиумите, поставување бесплатен еко-број каде што луѓето ќе можат да учат за ѓубрето, па дури и да обезбедиме информации на посебна апликација или веб-локација“, рече Ханс Рот, сопственик на фирмата „Заубермахер“.

    Во Тетово се поставени над 400 нови контејнери, сметот од градот и околните села ќе го собираат над 100 вработени во новата фирма, а на постојниот возен парк додадени се и 8 нови камиони. Во втора фаза од овој договор за јавно-приватно партнерство се предвидува да се реализира и пилот-проект за посебно собирање на органски отпад, хартија, картон и лесна амбалажа.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира