Здравствените власти во системот на невакцинирани деца во Скопје, успеале да лоцираат дека 4.991 дете од општините Гази Баба и Чаир ја пропуштиле вакцинацијата, а од нив се вакцинирани само 20 отсто, односни 982 деца, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје.
Извештајот го опфаќа бројот на вакцинирани лица од 18 јануари до 14 февруари, а од ИЈЗ велат дека е изработен согласно податоци доставени од Здравствен дом Скопје, од Службите за вакцинација од Гази Баба и Чаир, а службите за вакцинација од Карпош, Кисела Вода и Центар до затворање на информацијата не доставиле податоци. Од вакцинираните, најголем број и процент примиле прва ревакцина (392; 40%).
Од 18 јануари до 14 февруари, согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 4.036 деца на возраст до 7 години, а најголем број и процент (2.762; 68%) од вакцинираните деца примиле прва, втора или трета доза на примовакцинација.
Вкупниот број на дози вакцина која содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација (I,II,III доза) или ревакцинација (I,II ревакцина) на територија на Скопје во периодот од 18.01-14.02.2024 ( без Карпош, Кисела Вода и Центар) изнесува 5.018.
Извештајот наведува и дека во Македонија, без Скопје, од досега собраните податоци од Центрите за јавно здравје пронајдени се 4.197 деца пропуштени за вакцинација, од нив се вакцинирани 984 (23%). Од вакцинираните, најголем број и процент примиле прва ревакцина (439; 45%). Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 4.679 деца на возраст до 7 години, а најголем број и процент (1.591; 34%) од вакцинираните примиле втора ревакцина на школска возраст.
Вкупниот број на дози вакцина која содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација (I,II,III доза) или ревакцинација (I,II ревакцина) во периодот од 18.01-14.02.2024 изнесува 5.663.
Во периодот од 9 до 15 февруари пријавени се 17 нови случаи на голема кашлица. Сите пријавени случаи се од Скопје, а најголем број на случаи се од возрасната група од 10-19 години (8). Од новите 17 случаи, 5 случаи се хоспитализирани (3 деца на возраст до 4 години, и по едно во возрасна група од 5-9 год и од 10-14 години).
Заклучно со 15 февруари во Македонија се регистрирани вкупно 39 случаи на голема кашлица. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос изминатиот петгодишен период (2019-2022 година), кога се регистрирани вкупно 9 случаи.
Дистрибуцијата на случаите по однос на место на живеење покажува дека најголем број лица живеат во Скопје – 33 (84,6%) во девет различни општини, 3 лица живеат во Куманово, 2 во Гостивар и еден во Боговиње, Тетово.
Во однос на возрасната дистрибуцијата, заболените лица се на возраст 1 месец до 45 години (медијана 6,9 години). Најголем број заболени се деца на возраст до 4 години, односно 11 случаи (28,2%) припаѓаат на возрасната група под 1 година, а 8 (20,5%) се деца на возраст од 1 до 4 години.
Првиот пријавен случај е на 5 јануари, а само во последните 7 дена, до 15 февруари, се пријавени 17 случаи, со зголемување од 21% во однос на претходниот неделен период за пријавување.
Во однос на вакциналниот статус, 25 лица (64,1%) од заболените не се вакцинирани или се некомплетно вакцинирани согласно возраста и Календарот за имунизација. Десет случаи се комплетно вакцинирани за возраста, за четири случаи вакциналниот статус е непознат.
Од заболените, регистрирано е 21 лице со хоспитализација (53,8%), и тоа 16 (76,2%) од нив на возраст до 4 години.
Центарот за јавно Скопје прогласи епидемија на 8 февруари, а Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, меѓудругото препорачуваат сите матични лекари при преглед задолжително да го проверуваат вакциналниот статус на сите деца до 14 годишна возраст и сите пропуштени и невакцинирани деца да ги упатуваат на вакцинација.
Вакциналните пунктови во поликлиниките во Скопје работат во две смени, до 19:30 часот, а во сабота од 8 до 14 часот.
Б. НЕСТОРОСКА