БИ СЕ СРАМЕЛА КОГА БИ УНИШТИЛА ЛЕГЕНДАРНО ДЕЛО КАКО ШТО Е „САВА ЦЕНТАР“, ВЕЛИ АРХИТЕКТКАТА КОЈА РАБОТИ НА РЕНОВИРАЊЕ НА КОНГРЕСНИОТ ЦЕНТАР ВО БЕЛГРАД

    БИ СЕ СРАМЕЛА КОГА БИ УНИШТИЛА ЛЕГЕНДАРНО ДЕЛО КАКО ШТО Е „САВА ЦЕНТАР“, ВЕЛИ АРХИТЕКТКАТА КОЈА РАБОТИ НА РЕНОВИРАЊЕ НА КОНГРЕСНИОТ ЦЕНТАР ВО БЕЛГРАДВкупната инвестиција во реновирањето на „Сава центар“ е 118 милиони евра (Фото: Делта холдинг)

    Легендарниот белградски конгресен комплекс „Сава центар“, по две години темелна реконструкција е целосно реновиран, но задржани се препознатливите елементи, не само однадвор, туку и во внатрешноста. Објектот, кој од 1977 година функционира како конгресен центар  и сала за културни и забавни настани, од ноември минатата година веќе е во функција, а во септември годинава повторно ќе се отвори и препознатливата Сина концерна сала, со зголемен капацитет. Место досегашните 3.672, сега ќе има 4.000 седишта.

    Бројот на конференциски сали е зголемен на 46 во однос на поранешните 16, со капацитет од 1.200 места (Фото: СДК.МК)

    Концертната сала ќе биде сосема иста во препознатливата сина боја, но интересно е дека дури и седиштата ќе бидат идентични на старите. За да се зачува автентичниот изглед, архитектите нарачале поудобни и пошироки седишта кои ќе се изработуваат по нарачка според дизајнот на старите. Ќе биде опремена со модерна технологија, за да овозможи организирање и на најкомплексните настани.

     

    „Вложивме максимални напори за зачувување на автентичниот надворешен изглед на објектот, кој се карактеризира со кос стаклен плик, а внатрешноста е модернизирана со цел да се прилагоди на новите стандарди и потреби“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од компанијата „Делта холдинг“, новиот сопственик на „Сава центар“.

    На самиот влез, во големиот хол се забележува дека е задржана технографската карта на светот на ѕидот со разчични временски зони, која беше препознатлив мотив на „Сава центар“ од времето кога беше изградена (Фото: СДК.МК)

    Уште на самиот влез, во големиот хол се забележува дека е задржана технографската карта на светот на ѕидот со разчични временски зони, која беше препознатлив мотив на „Сава центар“ од времето кога беше изградена за одржување на состанок на Меѓународмниот монетарен фонд, а потоа и на Самит на неврзаните. Задржана е и препознатливата таванска цевка, хидрантите, и оградите од метал и стакло, нормално, со нови елементи и модерно осветлување.

    Архитектката што го води проектот за реновирање Ивана Летиќ вели дека нејзината цел била да го задржи стариот дух и историското значење на „Сава центар“ и во исто време да го прилагоди објектот на новиото време и современите технологии и архитектонски решенија.

    „Како белграѓанка и како архитектка, јас би се срамела кога моето име би се споменувало дека јас нешто би уништела од стариот дух на овој монументален објект кој е врежан во историското паметење не само на Србија, туку и на целиот регион“, ни кажа архитектката Летиќ, за време на новинарската тура по повод реновирањето на објектот.

    Како белграѓанка, јас би се срамела ако го уништевме стариот дух на „Сава центар“, вели архитектката Ивана Летиќ (Фото: Приватна архива)

    Тимот на Ивана Летиќ цело време додека траела реконструкцијата бил во контакт со архитектот Стојан Максимовиќ, кој е автор на „Сава центар“ и во 1970-тите бил водач на конструкторскиот тим. Тој веќе има над 90 години, а Летиќ вели дека соработката била драгоцена.

    Таа вели дека интензивно соработувала со државниот конзерваторски центар бидејќи сакала да го задржи и амбиентот со ентериерното уредување на архитектот Александар Шалетиќ. „Тој дизајн е вонвременски, жив е и денеска и покажува победа на нешто што е толку добро што ги поминало сите турбуленции и историски премрежја“, вели Летиќ.

    Главната конгресна сала го задржа својот изглед со оригиналното каскадно решение. Вратени се и старите уметнички дела кои го украсувале ентериерот. Задржани се и големите таписерии на ѕидовите препознатливи за тоа време.

    Белградскиот конгресен комплекс „Сава центар“, по две години темелна реконструкција е целосно реновиран, но задржани се препознатливите елементи (Фото: СДК.МК)

    Дури и по ходниците и прет таканаречените „делегатски единици“ се оставени парчиња од стариот мебел, двоседи и троседи што само се претапацирани. Сето тоа е со цел што поавтентично да се задржи духот на „Сава центар“ кој е останат во меморијата не само на белграѓани и Србија, туку и на граѓаните од поранешната СФРЈ затоа што речиси сите големи политички, културни и забавни настани, од времето на процут до распадот на државата се врзуваат со овој објект.

    За да се задржи автентичниот архитектонски изглед,  оштетениот натур бетон е саниран со современа и сложена постапка која ја крева цената на реконструкцијата.

    Тимот на Ивана Летиќ цело време додека траела реконструкцијата бил во контакт со архитектот Стојан Максимовиќ, кој е автор на „Сава центар“ и во 1970-тите бил водач на конструкторскиот тим (Фото: СДК.МК)

    „Делта холдинг“ го купи „Сава центар“ на јавен тендер за 17,5 милиони евра, со обврска да инвестира дополнителни 50 милиони евра во реновирање на објектот. Две години подоцна, при темелната реконструкција, „Делта холдинг“ вложи двојно повеќе. Вкупната инвестиција е 118 милиони евра.

    Просторот помеѓу конгресниот и деловниот дел и Сината сала е претворен во зимска градина со над илјада квадратни метри, природно осветлена и збогатена со вистински зелен ѕид од растенија.

    Сината концертна сала сега ќе има капацитет од 4.000 места место претходните 3.672 (Фото: Делта холдинг)

    Бројот на конференциски сали е зголемен на 46 во однос на поранешните 16, со капацитет од 1.200 места, а изложбениот простор се наоѓа на 8.000 квадратни метри. Освен што бројот на седишта е зголемен, Центарот е технички е целосно модернизиран. Во состав на објектот има и шопинг центар со 36 локали и  17.000 квадранти метри зелена површина.

    „Сава центар“ е целосно реновиран, но е задржан духот по кој е препознатлив (Фото: Делта холдинг)

    Изградбата на „Сава центар“ траеше од 1976 до 1979. Работите морале да се забрзаат и да се отвори предвреме поради веќе закажаниот годишен состанок на ОБСЕ планирана за 15 јуни 1977, поради што се откажал планот главната сала да има ротирачка сцена. Тогашниот југословенски претседател Јосип Броз Тито свечено ја отворил салата на 14 мај во 1977. Денес, 15 јуни 1977 се смета за роденден на „Сава центар“, иако технички беше само отворањето на блокот А, потоа блок 2 во 1978 и блок 3 во 1979 година. „Сава центар“ беше и меѓу номинираните за светската Прицкерова награда за архитектура кога ова најпрестижно признание се востанови во 1979.

    Реновивањето на „Сава центарот“ траеше две години (Фото: СДК.МК)

    Концерти во „Сава центар“ одржале повеќе светски ѕвезди меѓу кои и Монсерат Кабаље, Лучиано Павароти, Пласидо Доминго, Би Би Кинг и други. Од македонските музичари, концерти во „Сава центар“ одржале Влатко Стефановски, „Леб и сол“, Браќата Тавитјан и Гарабет Тавитјан, Калиопи и Тоше Проески.

    М. ЏАРОВСКА  

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира