Мајката на Алексеј Навални изјави дека конечно ѝ дозволиле да го види телото на нејзиниот син, шест дена откако тој почина во еден од најстрогите затвори во Русија. Људмила Навалнаја изјави дека ја одвеле во мртовечницата, каде што потпишала потврда за смрт.
Некогашната портпаролка на Навални, Кира Јармиш, кажа дека на Навалнаја ѝ бил покажан медицински извештај, во кој било заведено дека тој починал од природни причини. Вдовицата на Навални, Јулија, ги обвини руските власти дека го убиле.
„Законот налага да ми се предаде телото на мојот син, но властите одбиваат и ме уценуваат. Тие ми поставуваат услови за погребот, вклучувајќи кога и каде да се одржи. Сакаат да ме одведат на периферијата на гробиштата до свеж гроб и да кажат ‘Тука лежи твојот син‘“, вели Навалнаја во својата видеопорака.
Таа веднаш отпатува во северниот руски град Салехард откако беше објавено дека Навални починал во околната казнена колонија, но досега не ѝ беше дозволено да го види телото, ниту ѝ кажуваа каде се наоѓа.
„Властите ми се закануваа. Во очи ми кажаа дека ако не се согласам со таен погреб, ќе направат нешто со неговото тело“, рече таа.
Јулија Навалнаја, која вети дека ќе ја продолжи борбата на нејзиниот покоен сопруг, вчера се сретна со американскиот претседател Џо Бајден во Сан Франциско, заедно со ќерката Даша.