НАВАЛНИ ТРЕБАЛО ДА БИДЕ ОСЛОБОДЕН ВО РАЗМЕНА НА ЗАТВОРЕНИЦИ КОГА ПОЧИНА, ТВРДИ НЕГОВА СОРАБОТНИЧКА

    НАВАЛНИ ТРЕБАЛО ДА БИДЕ ОСЛОБОДЕН ВО РАЗМЕНА НА ЗАТВОРЕНИЦИ КОГА ПОЧИНА, ТВРДИ НЕГОВА СОРАБОТНИЧКАМарија Певчик вели дека преговорите за ослободување на Навални траеле две години (Фото: Јутјуб)

    Алексеј Навални требало да биде ослободен во размена на затвореници кога почина, откри неговата соработничка Марија Певчик. Таа кажа дека најголемиот критичар на Путин требало да биде разменет за Вадим Красиков, руски платен убиец кој служи доживотна казна затвор за убиство во Германија.

    Певчик тврди дека во договорот би биле вклучени и двајца американски државјани кои се моментално во затвор во Русија, но не ги именуваше. Преговорите биле во завршна фаза на 15 февруари, ден пред Навални да почине ненадејно во еден од најстрогите затвори во Русија.

    Певчик, која е потпретседателка на Фондацијата против корупција основана од Навални, кажа дека преговорите за размена траеле две години.

    „По почетокот на руската инвазија на Украина стана јасно дека Путин нема да запре и дека Навални мора под итно да се ослободи од затвор. Тој требало да биде ослободен во хуманитарна размена, а во разговорите биле вклучени и американски и германски функционери. Процесот конечно резултирал со конкретен план за размена во декември“, вели Певчик во видео објавено на јутјуб каналот на Навални.

    Вадим Красиков беше осуден за убиството на бившиот чеченски воен заповедник Зелимхан Хангошвили, извршено во Германија во 2019.

    „Путин се премислил во последен момент. Не можел да замисли Навални да биде слободен. Беше луд од омраза кон Навални, зашто знаеше дека тој може да го победи“, кажа Певчик.

    Од германската влада кажаа дека не можат да ги коментираат наводите за можна размена.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира