МАКЕДОНИЈА Ѝ ДАДЕ НЕДВОСМИСЛЕНА ПОДДРШКА НА УКРАИНА НА САМИТОТ ВО АЛБАНИЈА

    МАКЕДОНИЈА Ѝ ДАДЕ НЕДВОСМИСЛЕНА ПОДДРШКА НА УКРАИНА НА САМИТОТ ВО АЛБАНИЈАBорбата за слобода на Украина се води во име на целиот демократски и цивилизиран свет - Пендаровски со Зеленски и домаќинот Рама во Тирана (Фото: СДК.МК)

    Северна Македонија и Украина во четвртокот во Тирана потпишаа заедничка Изјава  за евроатлантските интеграции на Украина.

    Во Тирана се одржува Самит Украина – Југоисточна Европа на кој учествува претседателот Стево Пендаровски, но таму е и премиерот Талат Џафери кој ја потпиша заедничката изјава со украинскиот претседател Володимир Зеленски. 

    Зеленски првпат е во посета на Балканот од почетокот на руската инвазија, при што копретседава со самит со албанската влада, кој има за цел да ги охрабри земјите од Југоисточна Европа да ја зголемат својата поддршка за Украина.

    И Пендаровски во говорот на Самитот и Џафери на средбата со Зеленски ја искажаа недвосмилената македонска поддршка за Украина.

    Во Изјавата што ја потпишаа Џафери и Зеленски заеднички се осудени злосторствата од вооружените сили на Руската Федерација врз цивилно население и цивилна инфраструктура на Украина, вклучително и енергетски објекти, училишта, болници и станбени згради, коишто се заштитени со меѓународното хуманитарно право.

    Потпишување на заедничката изјава – (Фото: Влада на РСМ)

    Нагласена е потребата за итно и целосно повлекување на сите трупи и вооружени формации на Руската Федерација од суверената територија на Украина, во рамките на нејзините меѓународно признаени граници од 1991 година. Посочено е и на важноста од истрага за воените злосторства на територијата на Украина, во согласност со меѓународното право.

    Во однос на евроатлантските перспективи, во Изјавата е истакнат значителниот придонес на Украина за безбедноста на евроатлантската област, особено украинските напори да одвратат на неиспровоцираната и неоправдана воена агресија на Руската Федерација.

    Пендаровски рече дека „борбата за слобода на Украина се води во име на целиот демократски и цивилизиран свет“ и дека „во овој критичен момент, влогот за сите нас е огромен и ги надминува географските граници, одекнувајќи секаде каде што постојат мирни демократски општества“.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира